Реформираниот пензиски систем е резултат на темелен и постепен процес со цел да се намали изложувањето на поединецот на нагли промени. Носител на реформата е Министерство за труд и социјална политика. 

                                              Структура на реформираниот систем
                                   
 

Реформираниот пензиски систем во Република Македонија е составен од пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и капитално финансирано пензиско осигурување, со што им се овозможува на граѓаните на Република Македонија обезбедување материјална и социјална сигурност. 

Структурата на повеќеслојниот пензиски систем се темели врз три вида (столба) на осигурување и тоа: 

1)  задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб),

2)  задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб),

3)  доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).

1)    Задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е осигурување организирано според принципот на тековно финансирање (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. За ова осигурување се грижи Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Првиот столб продолжува да функционира на ист начин како и до сега – на принципот на генерациска солидарност. Овој столб обезбедува дефинирани пензии според однапред утврдена формула, а останатиот дел од пензијата се обезбедува од капитално финансираното пензиско осигурување. Преку овој столб се обезбедува остварување на права од пензиско и инвалидско осигурување во случај на старост, инвалидност и смрт, што значи дека се исплаќа дел од старосната пензија, инвалидска пензија, семејна пензија, како и најнизок износ на пензија. 

2)    Задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, при што постои тесна поврзаност и зависност помеѓу обемот на вложените средства – придонесите и идните пензиски надоместоци што ги остварува секое лице засновани на пазарните законитости. Имено, овој начин на осигурување е заснован врз принцип на собирање на средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки чии средства понатаму се инвестираат и добивката намалена за трошоците на работењето на системот се додава (акумулира) на средствата на индивидуалните сметки. Ова осигурување вклучува приватни задолжителни пензиски фондови и пензиски друштва кои управуваат со нив. Преку овој столб се обезбедува остварување право на пензиско осигурување во случај на старост, односно се исплаќа старосна пензија (дополнително на пензијата од првиот столб). 

Секој осигуреник  може да избере само еден задолжителен пензиски фонд. Вложените средства се инвестираат според строго утврдени законски прописи, со што се обезбедува највисока заштита на интересите на членовите и на нивните средства. Во приватните задолжителни пензиски фондови секој член има своја индивидуална сметка на која се чуваат средствата од придонесите кои секој член ги издвојува од својата плата. Средствата издвоени од плата, заедно со приносот од нивното инвестирање му припаѓаат на членот и влегуваат во формирањето на износот на пензијата. Членовите се редовно информирани за сопствените средства одвоени за пензиските денови.

Висината на придонесот кој се пренесува во задолжителен пензиски фонд изнесува 6% од бруто платата, а во Фондот на ПИОМ останува придонес во висина која се добива како разлика меѓу вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување и придонесот уплатен во задолжителниот пензиски фонд (за 2012 година изнесува 18% – 6% = 12% од бруто платата).

Споредба меѓу едностолбен и двостолбен пензиски систем   

3)    Доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб) исто така е осигурување врз основа на капитализација на средствата, на принцип на дефинирани придонеси, но на доброволна основа. Значајно за ова осигурување е што во него можат да бидат вклучени сите лица кои сакаат да обезбедат повисок обем на материјална сигурност покрај задолжителното осигурување, како и сите лица кои не се опфатени со задолжително осигурување (во првиот и вториот столб). Покрај тоа, со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми.

Ова осигурување вклучува приватни доброволни пензиски фондови и пензиски друштва кои управуваат со нив. 

Секој осигуреник  може да има една доброволна индивидуална сметка во доброволен пензиски фонд и една професионална сметка доброволен пензиски фонд. Вложените средства се инвестираат според строго утврдени законски прописи, со што се обезбедува највисока заштита на интересите на осигурениците и на нивните средства. Членовите се редовно информирани за сопствените средства одвоени за пензиските денови.

За членовите на третиот столб нема ограничување во однос на висината и фреквенцијата на уплата на доброволен придонес.