Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС започнува соработка со МАЧР во Деновите на финансиска писменост со едукација на членовите за измените во капитално финансираното пензиско осигурување

Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување (МАПАС) заедно со трите пензиски друштва – КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво а.д. Скопје и ТРИГЛАВ ПЕНЗИСКО ДРУШТВО АД Скопје, иницира почеток на соработка со Македонската асоцијација за човечки ресурси – МАЧР во која препозна партнер за соработка во правец на обезбедување на директна врска со овластените лица за работа со човечки ресурси кои во своите фирми се директно одговорни за вработените кои се и активни членови на првиот и вториот пензиски столб.

МАЧР е невладино здружение на граѓани, истакна м-р Дарко Петровски – Претседател на Македонската Асоцијација на човечки ресурси, која обезбедува промоција и унапредување на професијата управување со човечките ресурси, како и создавање и имплементирање на највисоките професионални стандарди и развој на човечкиот капитал во Република Северна Македонија, која функција во државата смета дека е значајно и е особено задоволен што МАПАС како регулаторна државна институција препозна можност и изрази спремност за заедничка соработка.

МАПАС соработката со Асоцијацијата ја започнува во Деновите на промоција на потребата од финансиска писменост, со гостување на HR кафето и Networking настанот на 29 мај (среда) 2019 во МКЦ клубот каде присуствуваа голем број на членови на Асоцијацијата, докажани и врвни HR експерти и професионалци од приватниот и јавниот сектор од земјава и странство, HR директори, раководители и вработени во одделите за управување со човечките ресурси од приватниот и јавниот сектор, професори, но и студенти и почетници во областа на HRM.

На настанот свое обраќање имаше Дарко Саздов – Член на Советот на експерти на МАПАС, кој изрази посебно задоволство за поканата на настанот и можноста за идна активна соработка со Асоцијацијата и непосредна соработка со нејзините членови. Тој истакна дека МАПАС како регулаторна институција која се грижи за своите членови ќе ги искористи сите расположливи канали, за споделување на информаците за сите законски измени и тековни случувања во областа на пензискиот систем и особено капитално финансираното пензиско осигурување со своите членови. Свое обраќање имаа и директорите на трите пензиски друштва кои исто така дадоа поддршка на настанот и отворена врата за непосредна соработка со Асоцијацијата.

Реализација на настанот беше успешна со оглед на тоа што успеавме да анимираме голем број на членови на Асоцијацијата кои ги запознавме со тековните измени на Законот за капитално финансирано пензиско осигурување во делот на членство.
Од големиот интерес на присутните за дополнителни информации и детални појаснувања, произлезе потреба за организирање на посебен настан на кој стручни лица од МАПАС и пензиските друштва ќе одржат презентации со сите детални информации од интерес на членовите и можност за добивање на одговор на сите прашања кои индивидуално ги засегаат членовите.
Реализацијата на овој настан, е уште една потврда за потребата од уште многу вакви и слични настани и соработки на кој начин ќе им се доближиме на членовите и ќе го надградиме нивното знаење од областа на пензискиот систем.

Skip to content