Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), ја известува пошироката јавност дека на 30 септември 2019 година заврши рокот за поднесување на Изјава за престанување или продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд.

Членовите на задолжителните пензиски фондови, кои се родени пред 1 јануари 1967 година и прв пат вработени пред 1 јануари 2003 година, а кои склучиле Договор за членство во задолжителен пензиски фонд, имаа право најдоцна до 30 септември 2019 да изберат да го прекинат или продолжат членството во задолжителниот пензиски фонд.

Доколку членовите до овој рок не поднеле Изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд им престана на 1 октомври 2019 година и од тој датум тие стануваат осигуреници во Фондот на Пензиско и Инвалидско Осигурување на Северна Македонија (Фондот на ПИОСМ). По престанување на членството во задолжителниот пензиски фонд,  пензиското друштво го пренесува вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметки на овие членови во Фондот на ПИОСМ, со што во иднина овие осигуреници ќе остваруваат право на пензија под услови уредени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување.