Организација за економска соработка и развој – ОЕЦД го објави најновиот број на изданието “Пензиски фондови во бројки 2021”, со прелиминарни податоци за 2020 година и прелиминарни предвидувања за првиот квартал 2021 година.

Прелиминарнте податоци, на ОЕЦД, за 2020 година покажуваат дека средствата на пензиските фондови во 2020 година пораснаа скоро во сите истражувани земји и покрај шокот што го предизвика пандемијата со вирусот Корона и падот на средствата на крајот на март 2020 година. Средствата на пензиските фондови во 2020 година изнесуваат 34,2 билиони УСД во земјите членки на ОЕЦД и 0,8 билиони УСД во земјите кои не се членки на ОЕЦД, што значи дека пензиските средства пораснале за 9% во земјите членки на ОЕЦД и 1% во земјите кои не се членки на ОЕЦД.

Инвестициските резултати во 2020 година во поголемиот број на истражувани земји се позитивни, и покрај остриот пад на цените на финансиските пазари во првиот квартал во 2020 година, зголемување на невработеноста и намалувањето на бруто домашниот производ. Реалните инвестициски приноси надминуваат 5% во 19 испитувани земји, од кои во две земји приносот е поголем од 9%, додека во 23 други истражувани земји реалните инвестициски приноси се помали, но позитивни.

Прелиминарните предвидувања врз основа на развојот на финансиските пазари покажуваат дека на крајот на првиот квартал 2021 година се очекува средствата на пензиските фондови да продолжат да растат и во земјите членки на ОЕЦД да достигнат 34,7 билиони. Сепак, неизвесноста останува, со оглед на појавата на нови варијатни на вирусот на различни делови од светот и со оглед на потребата за зголемување на бројот на имунизирани лица.

Најновиот број на изданието “Пензиски фондови во бројки 2021” е на следниот линк:

https://www.oecd.org/daf/fin/private-pensions/Pension-Funds-in-Figures-2021.pdf