Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Цели на реформата на пензискиот систем и очекувани придобивки

Со реформата на пензискиот систем и воспоставувањето и егзистирањето на тростолбен пензиски систем како комбиниран систем од јавно тековно финансирано пензиско осигурување и капитално финансирано пензиско осигурување во Република Македонија, се очекува да се обезбеди долгорочна стабилност на системот кој е важен елемент на социјалното осигурување. Системски гледано, постоењето на три столба во пензискиот систем е можност за обезбедување средства за старост од три извори и едновремено диверсификација на ризикот, што е особено значајно имајќи предвид дека пензиското и инвалидското осигурување се одвива долг временски период. Во тој долг временски период можни се непредвидливи движења (и поволни и неповолни) како кај населението така и во економијата, така што диверсифицираниот систем ќе обезбеди заштита за старите лица на долг рок и истовремено долгорочно солвентно функционирање на пензискиот систем во целина.

Основните цели при дизајнирање на реформата беа:

  • Сигурност во остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување,
  • Осигурување краткорочна и долгорочна солвентност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија,
  • Максимум сигурност и минимум ризик,
  • Гарантирање праведност на пензиите за сите генерации,
  • Јакнење на довербата на јавноста во пензискиот систем преку постигнување на другите цели.

 

Понатаму, примарна цел на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување во Република Македонија е:

  • Обезбедување повисок приход по пензионирањето за осигурениците кои се веќе осигурани во едностолбниот или двостолбниот пензиски систем (задолжително пензиско и инвалидско осигурување), а кои сакаат и се во можност да издвојат дополнителни средства заради поголема материјална сигурност или одржување на повисок стандард на живеење по пензионирањето;
  • Обезбедување пензија на лицата кои не се опфатени со задолжителното пензиско и инвалидско осигурување лично за себе или од други лица. Тука спаѓаат долгорочно невработените, вработените на проекти или во странски мисии, брачните другари кои не се вработени, и други лица без оглед дали се во работен однос или се невработени;
  • Обезбедување предуслови за воспоставување на професионални пензиски шеми во процесот на усогласување на системот на социјално осигурување во Македонија со системот во Европската унија.

Исполнувањето на горенаведените цели ќе резултира во придобивки за поединците кои учествуваат во пензискиот систем, за самиот пензиски систем, како и дополнителни ефекти врз економијата.

Очекувани ефекти за поединецот Очекувани ефекти за системот
  • поголема сигурност
  • диверсификација на ризиците
  • транспарентност на работењето
  • доброволно и дополнително штедење
  • солвентен пензиски систем
  • зголемување на националните заштеди
  • зајакнување на моќта на инвестирањето
  • пораст на економијата
  • зголемување на ефикасноста на македонскиот пазар на труд
Skip to content