Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Институциите на пензискиот систем

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување е основана заради вршење супервизија на работењето на пензиските друштва и пензиските фондови со крајна цел да ги заштити интересите на членовите (осигурениците)  и на пензионираните членови на пензиските фондови . Агенцијата има својство на правно лице и за својата работа одговара пред Собранието на Република Северна Македонија.

Агенцијата е одговорна за издавање, повлекување и одземање дозволи за основање на пензиски друштва, дозволи за вршење дејност – управување со пензиски фондови и издавање, повлекување и укинување на одобренија за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови. Таа врши супервизија на работењето на пензиските друштва, на задолжителните и на доброволните пензиски фондови, како и на чуварите на имот и на странските менаџери на средства.

Исто така, Агенцијата го промовира, го организира и го поттикнува развојот на капитално финансираното пензиско осигурување во Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и ја развива свеста на јавноста за целите и принципите на пензиските друштва и на задолжителните и доброволните пензиски фондови, за придобивките од членување во задолжителен и/или доброволен пензиски фонд, вклучувајќи ги и целите, принципите и придобивките од учество во професионална пензиска шема, за правата на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови и за други прашања во врска со капитално финансираното пензиско осигурување.

Агенцијата донесува акти во согласност со законите од областа на капитално финансираното пензиско осигурување како и стручни упатства, прирачници и слично, во врска со капитално финансираното пензиско осигурување и иницира носење прописи и други акти во врска со пензиските друштва и со пензиските фондови со кои тие управуваат. Агенцијата соработува со Министерството за финансии, Народната банка на Република Северна Македонија, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и други институции со цел да обезбеди ефикасна контрола на капитално финансираното пензиско осигурување во Северна Македонија.

Покрај годишниот извештај за своето работење, Агенцијата изготвува и објавува годишен извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување со што се обезбедува транспарентност во ова осигурување.

Пензиско друштво е акционерско друштво што се основа и работи во согласност со Законот за трговски друштва и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, или со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Пензиско друштво се основа врз основа на дозвола од МАПАС и управува со пензиски фонд врз основа на одобрение за управување со пензиски фонд. Во пензискиот систем има можност за основање три вида друштва:

  • Друштво за управување со задолжителни пензиски фондови,
  • Друштво за управување со доброволни пензиски фондови,
  • Друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови

Во Република Северна Македонија постојат 3 Друштва за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондов.

Друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови треба да има основна главнина во висина од најмалку 1,8 милиони евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на РСМ, друштво за управување со задолжителни пензиски фондови треба да има основна главнина од најмалку 1,5 милиони евра и друштво за управување со доброволни пензиски фондови треба да има основна главнина од најмалку 0,5 милиони евра. Во случај на зголемување на средствата на задолжителниот и/или на доброволниот пензиски фонд со кој управува пензиското друштво, друштвото е должно да ја зголеми главнината во согласност со законските одредби.

Единствена дејност на пензиското друштво е управување со пензиски фондови, нивно претставување пред трети лица и активности кои директно произлегуваат од вршењето на работата на управување со пензиски фондови.

Основни одговорности и активности на пензиското друштво се: зачленување, управување со средства, управување со ризици и контролни механизми за ублажување на ризиците, администрација и водење евиденција, почитување на законските и подзаконските акти, редовно известување на членовите, на јавноста и на МАПАС, исплата на програмирани повлекувања на пензионирани членови, итн.

Пензиското друштво работи во согласност со правилата за добро корпоративно управување на друштвото и има фидуцијарна должност да работи единствено во корист на интересите на членовите и на пензионираните членови на пензискиот фонд со кој управува, која треба да ја спроведува со примена на високи стандарди на етика и интегритет и без конфликт на интереси. За вршење на овие функции, пензиските друштва, во согласност со закон, наплатуваат три вида надоместок.

Пензиски фонд (задолжителен или доброволен) претставува отворен инвестициски фонд, што се основа и работи во согласност со Законот за инвестициски фондови, доколку со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, или со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, поинаку не е уредено.

Задолжителниот пензиски фонд го сочинуваат придонесите и средствата на членовите, средствата на пензионираните членови и приносите од инвестираните придонеси и средства, намалени за надоместоците што се наплатуваат од задолжителниот пензиски фонд.

Доброволниот пензиски фонд го сочинуваат доброволните придонеси, уплатени во име и за сметка на членовите, средствата на членовите, средствата на пензионираните членови и приносите од инвестираните придонеси и средства, намалени за надоместоците што се наплатуваат од доброволниот пензиски фонд.

Сопственици на пензискиот фонд се неговите членови и пензионирани членови, а нивните поединечни сопственички права се определени од износот на средствата на нивните сметки. Средствата на пензискиот фонд не можат да бидат предмет на побарувања, ниту врз тие средства може да биде спроведено извршување од страна на, или од името на, доверителите на пензиското друштво што управува со тој пензиски фонд

Чувар на имот е институција на која и е доверена одговорноста за чување на средствата на пензиски фонд, а нејзините функции во врска со чувањето на средствата се утврдени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување , односно во Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување во случај на чување на средствата на доброволен пензиски фонд.

Сите инструменти во кои се вложени средствата на пензискиот фонд мора да се чуваат од страна на чувар на имот. Друштвото е должно да избере единствен чувар на имот, на кого ја доверува одговорноста за чување на средствата на пензискиот фонд и со кого склучува договор за чување на имот.

Чувар на имот на средствата на задолжителните пензиски фондови во почетниот период беше Народната банка на Република Северна Македонија (како преодно решение), но сега веќе се премина кон системското решение според кое чувар на имот на домашните средства на задолжителните пензиски фондови е деловна банка која има дозвола издадена од Народната банка на Република Северна Македонија и која ги исполнува условите наведени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Чувар на имот на средствата на доброволните пензиски фондови е деловна банка која има дозвола издадена од Народната банка на Република Северна Македонија и која ги исполнува условите наведени во Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Социјалната сигурност на граѓаните на Република Северна Македонија е уставна обврска на државата, при што пензиското и инвалидското осигурување претставува носечка компонента на системот на осигурување.

Министерство за труд и социјална политика е надлежно за креирање на политика на пензиското и инвалидското осигурување и за вршење надзор и контрола во спроведувањето на ова осигурување. Едновремено, ова министерство го унапредува и го следи неговиот развој со цел да обезбеди сигурен и стабилен пензиски систем на долг рок.

Министерството врши надзор над работењето и законитоста на работата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.

Остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување врз основа на генерациска солидарност се врши преку Фондот на ПИОСМ. Во реформираниот пензиски систем тој се грижи за првиот столб, а покрај постојните надлежности, добива и нови функции во врска со вториот столб меѓу кои најважни се:

  • Врши распределба на придонесите за пензиско осигурување меѓу првиот и вториот столб и врши пренос на придонесите во задолжителните пензиски фондови за членовите и
  • Врши усогласување на уплатените придонеси со добиените податоци и доставува податоци до друштвата за извршениот пренос.

За да ги реализира овие функции, Фондот на ПИОСМ одржува база на податоци за лицата вклучени во ова осигурување и за избраниот задолжителен пензиски фонд.

Управата за јавни приходи (УЈП) врши централизирана наплата на придонесите и до Фондот на ПИОСМ ги доставува вкупните придонеси за пензиско и инвалидско осигурување.

Skip to content