Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Седница на Советот на експерти (13.12.2017)

Советот на експерти одржа седница на 13.12.2017 година и го донесе:

1. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд.

Образложение

Со член 1 од Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за членство во задолжителен пензиски фонд се пропишува обрска на друштвото да го извести членот и пензионираниот член за поништувањето на регистрација во регистарот на членови и регистарот на пензионирани членови. Ова произлезе како потреба од досегашната пракса која покажа дека членот/пензионираниот член не е информиран за поништувањето на неговото членство во регистарот.
Со членот 2 се уредува начинот на ажурирање на личен податок на член во Регистарот на членови и се поедноставува процедурата за идентификација на подносителот на барањето за ажурирање на податоци. Имено, покрај досегашната пракса за непосреден увид во лична карта, како начин на идентификација на подносителот на барање, се воведува можноста преку телефонско јавување да се потврди идентитетот на подносителот на барањето за ажурирање на податоци. Друштвото притоа треба да применува посебни процедури за собирање, обработка и чување на телефонските разговори. Ваквиот начин на идентификација е во согласнот со прописите за заштита на личните податоци за што Агенцијата доби позитивно мислење од Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Со член 3 се менува образецот број 4 заради негово усогласување со измената на овој правилник. Исто така со член 4 се врши усогласување на членот со измената на образецот број 4.
Со членот 5 се уредува влегувањето во сила на овој правилник и се одложува периодот на примена на правилникот поради тоа што е потребно време друштвата да ги извршат потребните промени во системите за ажурирање на податоците, согласно измените во овој правилник.

2. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за начинот на членство во доброволен пензиски фонд.

Образложение

Со членот 1 се надградува начинот на ажурирање на личен податок на член во евиденцијата на членови кои се сопственици на доброволни индивидуални сметки и професионални сметки и се поедноставува процедурата за идентификација на подносителот на барањето за ажурирање на податоци. Имено, покрај досегашната пракса за непосреден увид во лична карта, како начин на идентификација на подносителот на барање, се воведува можноста преку телефонско јавување да се потврди идентитетот на подносителот на барањето за ажурирање на податоци. Друштвото притоа треба да применува посебни процедури за собирање, обработка и чување на телефонските разговори. Ваквиот начин на идентификација е во согласнот со прописите за заштита на личните податоци за што Агенцијата доби позитивно мислење од Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Со член 2 се менува образецот број 6 заради негово усогласување со измената на овој правилник поврзана со ажурирање на податоците.
Со член 3 се зголемува видот на податоци кои може да се ажурираат.
Со членот 4 се уредува влегувањето во сила на овој правилник и се одложува периодот на примена на правилникот поради тоа што е потребно време друштвата да ги извршат потребните промени во системите за ажурирање на податоците, согласно измените во овој правилник

Skip to content