Советот на експерти одржа седница на 11.01.2019 година и донесе:

1. Правилник за начинот на пренос на средствата во Фондот на ПИОМ

Образложение:
Со овој правилник до донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 245/2018) поблиску се пропишуваше:
– начинот и постапката за пренесување на средствата кога член ќе стекне право на инвалидска пензија, во случај на смрт на член чии членови на семејството имаат право на семејна пензија и кога починатиот член нема членови на семејството кои имаат право на семејна пензија.
Покрај овие случаи, со овој правилник поблиску се пропишува:
– начинот на пренесување на средствата на осигуреник кој е погрешно распределен во задолжителен пензиски фонд од страна на Фондот на ПИОМ,
– начинот и постапката за пренесување на средствата на членот на задолжителен пензиски фонд на кој му престанало членството поради промена на основот на осигурување согласно член 118 став (4) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и
– начинот на враќање во Фондот на ПИОМ на погрешно пренесен придонес во задолжителен пензиски фонд.
Поради тоа што се додаваат нови членови од закон, кои се основа за донесување на овој правилник, се донесува нов правилник.

2. Правилник за ненавремено пренесување на придонеси

Образложение:
Со овој правилник поблиску се пропишува пренесување на придонесите, од Фондот на ПИОМ, во случај на ненавремена распределба на член или ненавремен пренос на придонес и начинот на пресметка на надоместокот кој го плаќа Фондот на ПИОМ во ваквите случаи, поточно:
– начинот на пренос на придонеси од Фондот на ПИОМ во задолжителен пензиски фонд во случај на ненавремено пренесување на придонесите на членовите на задолжителните пензиски фондови на сметките на избраните задолжителни пензиски фондови,
– начинот на пренос на придонеси од Фондот на ПИОМ во задолжителен пензиски фонд во случај на ненавремена распределба на осигурениците,
– начинот на пресметка на надоместокот за ненавремено пренесување на придонес и
– начинот на пресметка на надоместокот за ненавремена распределба на осигуреник
– начин на пресметка и уплата на надоместок, од страна на Фондот на ПИОМ, за осигурениците кои не биле распределени до денот на донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 245/2018).

3. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови

Образложение:
Со правилникот се воведува нова преодна одредба која ќе важи само за категориите на членови на задолжителните пензиски фондови кои согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Службен весник на Република Македонија” број 245/2018) треба да се избришат од регистарот на членови. Со оглед на тоа што на овие членови им престанува членството во задолжителните пензиски фондови заклучно со 01.01.2019 година пензиските друштва треба да им ги достават извештаите, кои се задолжителни согласно закон, за период од последниот извештај до последниот датум на проценка заклучно со датумот на престанок на членството во задолжителен пензиски фонд. За таа цел е пропишан и нов Образец број 7 со овој правилник.