Во текот на 2021 година, вкупните средства на задолжителните пензиски фондови надминаа 100 милијарди денари и на крајот на 2021 година достигнаа 105,66 милијарди денари, односно пораснаа за 21% во однос на 2020 година. Додека пак, вкупните средства на доброволните пензиски фондови забележаа поголем раст во однос на вкупните средства на задолжителните пензиски фондови, односно пораснаа за 25% и достигнаа 2,9 милијарди денари. Со тоа, вкупните средства на пензиските фондови во вториот и третиот столб достигнаа околу 15% од бруто-домашниот производ за 2021 година. Ова се забележува во Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2021 година, што го изготвува Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел – Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста.
По повеќе од една деценија од почетокот на работа на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, од март 2021 година започна со работа и третиот доброволен пензиски фонд – Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје, со што капитално финансираното пензиско осигурување брои вкупно шест пензиски фондови, три задолжителни и три доброволни пензиски фондови
Во 2021 година се зголеми и опфатот на населението во вториот столб, односно 96% од вкупниот број на осигуреници во Фондот на ПИОСМ или 58% од вкупното активно население се членови на вториот столб. Иако бележеше зголемен раст, сепак учеството на населението во третиот столб е сè уште скромно, односно само околу 2,9% од вкупното активно население во РСМ се членови со доброволна индивидуална сметка или се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд.
Учество на членови во двостолбниот пензиски систем во осигуреници во Фондот на ПИОСМ, по години, 2006-2021 г.
Во текот на 2021 година, во задолжителните пензиски фондови беа пренесени придонеси во износ од околу 9,68 милијарди денари што претставува околу 1,34% од БДП, додека во доброволните пензиски фондови беа уплатени вкупно околу 407,71 милиони денари, што претставува околу 0,06% од БДП.
Пензиските друштва ги инвестираа уплатените придонеси и акумулираните средства придржувајќи се до регулаторната рамка и максималните инвестициски ограничувања, како и нивните интерни прописи и документи. Во споредба со минатата година немаше значајни промени во структурата на вкупното портфолио на задолжителните пензиски фондови. Структурата на инвестициското портфолио на доброволните пензиски фондови, исто така, не се разликува значајно во споредба со минатата година. Почнувањето на работа на третиот доброволен пензиски фонд не влијаеше многу на вкупната структура на инвестициите на доброволните пензиски фондови со оглед на фактот дека во почетните години од работа новиот фонд сè уште располага со средства што се од мал обем во однос на вкупните средства на доброволните пензиски фондови.
Класи на средства во портфолиото на задолжителните пензиски фондови споредени со законските ограничувања:
Класи на средства во портфолиото на доброволните пензиски фондови споредени со законските ограничувања:
На ниво на втор столб, во седумгодишниот период 2015 – 2021 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,91% во номинален износ односно 4,41% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек на сметководствените единици на задолжителните пензиски фондови.
На ниво на трет столб, во седумгодишниот период 2015 – 2021 година, беше остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,85% во номинален износ односно 4,35% во реален износ, пресметан преку промената на пондерираниот просек на сметководствените единици на доброволните пензиски фондови
Во 2021 година, се регулираше можноста за дигитално склучување на договор за членство во задолжителен/доброволен пензиски фонд и можноста за електронска комуникацијата помеѓу пензиските друштва и МАПАС. Исто така, во насока на зголемување на бројот на дозволени инструменти за инвестирање и проширување на инвестицискиот универзум, се намалија определени ограничувања за инвестирање на средствата на пензиските фондови, се намали нивото на бараниот кредитен рејтинг за квалитет на сите инструменти и се утврди најниското ниво на рејтинг во границите на законот односно рејтинг препорачлив за инвестирање според меѓународни кредитни рејтинг агенции. Со тоа се проширија можностите за инвестирање во дополнителни инструменти во РСМ и во држави членки на ОЕЦД или ЕУ.
Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2021 година може да го прочитате и да го преземете од следната врска: Izvestaj_KFPO_2021.