Скопје, 9.10.2020 – Под мотото „Помогни на пензионер денес затоа што тебе утре ќе ти треба помош“, МАПАС започнува волонтерска акција која ќе трае од 15 октомври до 15 ноември. Целта на оваа акција е да им се помогне на пензионерите во време на ограничено движење заради заштита од ширење на Ковид-19 вирусот, во обезбедување на секојдневните намирници, што се потребни за нормално живеење. Акцијата ќе се реализира на територијата на градот Скопје.
Вработени од МАПАС, вработени од пензиските друштва и волонтери кои ќе се пријават на акцијата, ќе ги обезбедуваат потребните намирници за пензионерите и ќе ги доставуваат до нивните места на живеење.
За да се обезбеди што поширока покривање на поголем број на пензионери, во рамките на оваа акција отворен е и јавен повик за пријавување на волонтери кои можат да се пријават на формуларот https://forms.gle/dNudCdpsdje5qipX9 и да остават свои податоци.
Последниот рок за пријавување е 15 октомври 2020 година, а волонтерите треба да остават лични податоци, по што ќе бидат контактирани и распределени по општини. Досега се пријавени 70 волонтери.
„Една од нашите главни цели е подигнувањето на свеста кај младите и работно активното население за важноста од навремено информирање за пензискиот систем и можностите што ги нуди, особено за правата и обврските на членовите во задолжителните и доброволните пензиски фондови, како и за потребата од редовно ажурирање на личните податоци и континуирано следење на својата пензиска заштеда. За да ја потенцираме важноста од навременото вклучување во пензискиот систем, започнавме и волонтерска акција преку која сакаме да покажеме дека до стабилен и комфорен живот во третата доба можеме да дојдеме само со навремено делување“, истакна Максуд Али, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.
Покрај тоа, преземени се и низа активности за соодветно информирање на пензионерите за оваа акција, за да можат да се пријават и да ги користат услугите од волонтерите.
Волонтерската акција „Помогни на пензионер денес затоа што тебе утре ќе ти треба помош“ е дел од информативната кампања „Времето до пензија поминува побрзо отколку што мислиш”, која започна на 15 септември – Денот за пензиска свесност, чија цел е зголемувањето на свесноста кај младите за тоа дека вистинските одлуки за нивната пензија треба да ги донесуваат уште сега, односно со нивното прво вработување, а не пред пензионирање.

Повеќе инфoрмации на mapas.mk