Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување – втор столб

1. Член на задолжителен пензиски фонд е осигуреник кој прв пат пристапува во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапувањето е помлад од 40 години.

2. Член на задолжителен пензиски фонд е осигуреник кој прв пат пристапил во задолжително пензиско и инвалидско осигурување (т.е. се вработил) по 1 јануари 2003 година и е роден по 1 јануари 1967 година.

3. Член на задолжителен пензиски фонд е осигуреник кој прв пат пристапил во задолжително пензиско и инвалидско осигурување (т.е. се вработил) пред 1 јануари 2003 година, кој по сопствен избор со склучување договор за членство пристапил во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и е роден по 1 јануари 1967 година.

4. Член на задолжителен пензиски фонд е осигуреник кој прв пат пристапил во задолжително пензиско и инвалидско осигурување (т.е. се вработил) пред 1 јануари 2003 година, кој по сопствен избор со склучување договор за членство пристапил во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и е роден пред 1 јануари 1967 година и кој до 30 септември 2019 година потпишал изјава за продолжување на членство во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Осигуреник може да стекне членство во задолжителен пензиски фонд на два начини:

1) со потпишување на договор за членство во задолжителен пензиски фонд и со регистрација во Регистарот на членови кој го води Агенцијата

2) со распределба во задолжителен пензиски фонд по случаен избор од страна на Фондот на ПИОСМ во случај кога осигуреникот кој е должен да стане член на задолжителен пензиски фонд не потпишал договор за членство во периодот за избор на задолжителен пензиски фонд и со регистрација во Регистарот на членови кој го води Агенцијата.

Секој вработен има право на личен избор (во рок од три месеци од првото вработување) со кое пензиско друштво ќе склучи договор за членство во задолжителен пензиски фонд.
Во моментов постојат три пензиски друштва кои управуваат со по еден задолжителен пензиски фонд:

Сава пензиско друштво а.д. Скопје
ул. Мајка Тереза бр.1 Скопје,
тел. 02-15-500, www.sava-penzisko.mk
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
ул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 6 Скопје
тел. 02-3243-777, www.kbprvo.mk
ТРИГЛАВ ПЕНЗИСКО ДРУШТВО АД Скопје
бул. 8-ми Септември бр. 16 Скопје,
тел. 02-5102-190, www.triglavpenzisko.mk

За повеќе информации за нивното работење и полесен избор меѓу пензиските друштва можете:

  • Да ги посетите нивните веб страници;
  • Да ги разгледате нивните финансиски извештаи од работењето, инвестиционите стратегии и остварениот принос, како и надоместоците кои ги наплатуваат;
  • Да дознаете какви услуги нудат на своите членови и каков углед имаат друштвата;
  • Да ја посетите веб страницата на МАПАС: www.mapas.mk

Разговарајте со агенти на пензиските друштва пред да одлучите во кој задолжителен пензиски фонд ќе се зачлените и при тоа побарајте ја легитимацијата на агентот со кој разговарате.

За контакт со агент потребно е да се обратите во пензиските друштва или во нивните деловни соработници.

Склучете договор за членство со избраниот задолжителен пензиски фонд и внимателно пополнете ги податоците во договорот. Контакт податоците од договорот ќе бидат употребени за достава на редовни извештаи за Вашата заштеда на Вашата контакт адреса.

Пензиските друштва имаат обврска да се грижат за своите членови преку континуирано инвестирање на нивните средства и редовно известување на членовите за состојбата на нивните сметки и портфолиото на пензискиот фонд.

Пензиските друштва имаат фидуцијарна должност да работат единствено во корист на интересите на членовите, која треба да ја спроведува со примена на високи стандарди на етика и интегритет и без конфликт на интереси.

Кога прв пат потпишувате договор за членство во задолжителен пензиски фонд и дотогаш не сте биле член на ниту еден имате право во рок од осум работни дена од датумот на потпишувањето да го раскинете договорот со писмен поднесок кој Ви го доставува агентот или пензиското друштво.

Потпишаниот поднесок за раскинување на договорот за членство можете лично да го доставите до пензиското друштво, преку друго лице или по пошта со препорачана пратка.

Доколку не сте задоволни со услугите на друштвото кое управува со задолжителниот пензиски фонд во кој сте зачленети можете да преминете во друг задолжителен пензиски фонд кој го управува друго пензиско друштво.

За да преминете од задолжителниот пензиски фонд каде што сте член (постоен задолжителен пензиски фонд) во друг задолжителен пензиски фонд управуван од друго друштво (иден задолжителен пензиски фонд), треба да потпишете договор за премин со друштвото кое управува со идниот задолжителен пензиски фонд и да дадете изјава за согласност за премин. Воедно доколку сте член помалку од две години потребно е да платите и надоместок од 15 евра, а ако сте член повеќе од две години преминувањето е бесплатно.

Кога член на задолжителниот пензиски фонд ќе стекне право на старосна пензија според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, целиот износ на акумулираните средства на неговата сметка ќе се искористи, со право на личен избор на членот, за:
а) купување на пензиски ануитет кој се исплаќа до крајот на животот од друштво за осигурување овластено за оваа цел или
б) програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со задолжителниот пензиски фонд со кое членот ќе склучи договор за програмирани повлекувања или
в) комбинација на опциите наведени во точките а) и б).
Исплатата на ануитетите ќе се применува откако ќе биде издадена првата дозвола за вршење на работа на осигурување во класата на ануитети и исплата на ануитети за корисници на пензија.
Доколку член на задолжителен пензиски фонд оствари право на инвалидска пензија, вкупниот износ на средствата на сметката на членот се пренесува во Фондот на ПИОСМ и целосната исплата на инвалидската пензија се исплаќа од Фондот на ПИОСМ. По исклучок, доколку акумулираните средства на сметка на членот се повеќе од износот потребен за исплата на инвалидска пензија, во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, тогаш членот може да избере наместо таа пензија да користи пензија од втор столб.
Во случај на смрт на член на задолжителен пензиски фонд, чии членови на семејството имаат право на семејна пензија, вкупниот износ на средствата на сметката на тој член се пренесува во Фондот на ПИОСМ и целосната исплата на семејната пензија се исплаќа од Фондот на ПИОСМ. По исклучок, доколку акумулираните средства на сметка на членот се повеќе од износот потребен за исплата на семејна пензија, во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, тогаш корисникот на семејна пензија може да избере, наместо таа пензија, да користи пензија од втор столб.
Предвидени се и случаи во кои се врши исплата на средства од индивидуалната сметка на членот, а притоа да нема остварување право на пензија и тоа:

  • Kога починатиот член на задолжителен пензиски фонд нема членови на семејството кои имаат право на семејна пензија, тогаш средствата на сметката на тој член стануваат дел на оставинската маса на оставителот и со нив се постапува во согласност со Законот за наследување;
  • Kога член на задолжителен пензиски фонд нема да стекне право на старосна пензија според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, поради тоа што нема навршено пензиски стаж најмалку 15 години, може да оствари пензија само од средствата од втор столб, доколку пензијата е поголема или еднаква на 40% од најнискиот износ на пензија, а доколку пресметаниот износ на пензијата е помал од 40% од најнискиот износ на пензија, задолжителниот пензиски фонд на членот наеднаш ќе му ги исплати акумулираните средства на неговата сметка. Остварување на пензија само од средствата од втор столб и исплата на вкупните акумулирани средства во овие случаи може да се изврши по навршување 65 години.
Skip to content