Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС со поддршка на пензиските друштва започнува активна соработка со граѓанскиот сектор во сферата на финансиската едукација, особено во делот на подигање на свесноста кај населението за перспективите на капитално финансираното пензиско осигурување. По тој повод на денешен ден 12.03.2021 година во просториите на Агенцијата се склучи Меморандум за соработка со Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико од Скопје. Целта на оваа соработка е вклучување на Агенцијата во спроведување на активностите за финансиска писменост предвидени со Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите, кој се имплементира од страна на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, а кои пак активности се поврзани со Планот за финансиска писменост и финансиска инклузија на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, се со цел да се даде придонес кон подигнување на свеста на ромската заедницата за економско зајакнување и поголема финансиска писменост на граѓаните.


Во рамките на Меморандумот, Агенцијата во соработка со пензиските друштва ќе вклучи лица/ експерти за спроведување на тренинг програми во рамките на Барвалипе Школата за обука на Бизнис фасцилитатори за делот на придобивките од долгорочното инвестирање и капитално финансираното пензиско осигурување. Со Проектот е предвидено Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико да организира Барвалипе Школа во текот на месеците Мај – Јуни 2021 за обука на 13 Бизнис фасцилитатори чија цел е да ја мапираат економската состојбите на ромската заедница во 20 општини низ Република Северна Македонија во насока на економско зајакнување преку финансиска едукација и финансиска инклузија.
Двете страни во рамките на Проектот се обврзаа за редовна соработка и следење на процесот на имплементацијата на активностите за финансиска писменост и финансиска инклузија, на кој начин во континуитет ќе се даваат насоки за унапредување на истите.
Преку оваа соработка се очекува да се прошири мрежата на финансиската едукација и финансиска инклузија во нашата земја со цел да се подигне свесноста за позитивните ефекти кај населението, а особено кај младите и маргинализираните групи преку носење издржани финансиски одлуки кои ќе им го подобрат животниот стандард и квалитетот на живеење.