16.12.2013
Советот на експерти на седницата одржана на 27.11.2013 година ги донесе следните правилници>>>
Со овој правилник се прават измени и дополнувања на постојниот Правилник за начинот на известување на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од страна на пензиско друштво. Поради измена на членот од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и членот од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување кои се основ за донесување на овој правилник, се донесува нов правилник.
Со оваа измена дополнително се бара друштвото еднаш годишно да доставува до Агенцијата документ за начинот на примена на инвестиционата стратегија и извршени се други номотехнички подобрувања на текстот на правилникот.
2. Правилник за начинот и постапката за избор на член на управен и надзорен одбор на пензиско друштво
Со овој правилник се прават измени и дополнувања на постојниот Правилник за начинот и постапката за давање на одобренија членови на УО и НО на друштвата и бидејќи истите се прават во повеќе од половина одредби од правилникот се донесува нов правилник. Како и претходната група на правилници, пред се, измените произлегуваат од донесување на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување и измените во законите поврзани со воведувањето на супервизија заснована на оценка на ризици.
Поради тоа, во делот за одобренија за избор на член на управен и надзорен одбор, заради спречување на судир на интереси, се бараат податоци за правното лице од регистар за правни лица во кое предложениот член е управител, член на орган на управување или надзор.
Исто така заради добивање на одобрение на реизбор на член на управен одбор, дополнително се бара пензиското друштво да достави извештај на Надзорниот одбор, за оценка на работењето на членот на управниот одбор на пензиското друштво кој е предмет на одобрение. Во постапката за издавање на одобрение за реизбор на член на надзорен одбор дополнително се предвидува пензиското друштво да достави и извештај од спроведена самоевалуација односно оценка на сопственото работење и идентификување на ризиците и слабостите во своето работење за целиот период на мандатот.
Во постапката за издавање на одобрение за избор на независен член на надзорен одбор се бара пензиското друштво да достави потврда дека предложениот член на ги исполнува условите од закон кои се однесуваат на независен член.
Исто така се дава можност, заради издавање на одобрение за избор на член на надзорен одбор, Советот на експерти на Агенцијата да спроведе интервју со предложеното лице, преку кое ќе го оцени разбирањето на неговите одговорности и надлежности, неговата управувачка и оперативна компетентност како и начинот на надзор на спроведување на програмата за работа на пензиското друштво и пензиските фондови.
Се дополнува дека пензиското друштво доставува до Агенцијата заверена копија од решението на Централниот регистар на Република Македонија за извршениот упис на промените во рок од 10 дена од извршениот упис и за член на управен одбор доказ дека лицето засновало работен однос во пензиското друштво.
Во постапката за издавање на одобрение за именување на вршител на должноста член на управен одбор се пропишуваат документите потребни за издавање на одобрение и тоа одлука за избор и програма за работа. Се дава можност Советот на експерти на Агенцијата да спроведе интервју со предложениот кандидат.
Со овој правилник за прават измени и дополнувања на постојниот Правилник за начинот и постапката за давање на одобренија и бидејќи истите се прават во повеќе од половина одредби од правилникот се донесува нов правилник. Како и претходната група на правилници, пред се, измените произлегуваат од донесување на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување и измените во законите поврзани со воведувањето на супервизија заснована на оценка на ризици.
Поради тоа, во делот за одобренија на раководни и одговорни лица се бара за овластен актуар – дозвола за работа како овластен актуар од Агенцијата за супервизија на осигурување и за одговорно лице за управување со ризици-доказ за соодветни обуки за извршување на активности поврзани со управување со ризици. За одговорните и раководните лица се бараат препораки за квалитетот на професионалниот ангажман во пропишаните области, од најмалку две лица кои не се на раководна позиција во пензиското друштво.
Исто така се дава можност, заради издавање на одобрение, Советот на експерти на Агенцијата да спроведе интервју со предложеното лице, преку кое ќе ги оцени неговите познавања од областа за која треба да се именува.
Има одредби за доуредување на постапката со тоа што доколку пензиското друштво не ја дополни документацијата или не ги отстрани недостатоците во рокот определен од Агенцијата, се смета дека се откажало од барањето, а Агенцијата донесува заклучок со кој се запира поведената постапка. Исто така, се дополнува дека пензиското друштво доставува до Агенцијата заверена копија од решението на Централниот регистар на Република Македонија за извршениот упис на промената од член 2 од овој правилник, во рок од 10 дена од извршениот упис.
Помеѓу другото, во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување терминот „лице со посебни овластувања и одговорности се заменува со терминот „раководно лице“ и истото се менува во овој правилник. При тоа, се прават други технички подобрувања на правилникот.