Во периодот од 17 до 19 октомври 2007г. во Загреб, Р.Хрватска се реализираше студиска посета на супервизорски и финансиски институции во Хрватска.
Целта на студиското патување беше запознавање со искуствата, проблемите и препораките во врска со доброволното капитално финансирано пензиско осигурување од гледна точка на повеќе различни институции, како друштвата за управување со пензиски фондови, чуварот на имот и супервизорска институција. Со таа цел беа посетени едно друштво за управување со пензиски фондови (Croatia Osiguranje), една банка чувар на имот (Hypo Group) и супервизорското тело ХАНФА.
Во Croatia Osiguranje беше извршена презентација на доброволното пензиско осигурување во Хрватска. За управување со доброволни пензиски фондови постојат 4 друштва (исто како и за задолжителни). Според законот, во Хрватска не е дозоволено исто друштво да управува и со задолжителен и со доброволен пензиски фонд. Нивното друштво има 3 затворени професионални фонда со вкупно околу 7000 члена (4500, 2200, 300). Општо, во затворените фондови има и јавни претпријатија,и приватни фирми Членството во затворен фонд мора да се понуди на сите, се преговара со работници или синдикат кој навистина може да биде член и со кој износ на придонеси. Има разни примери на договори: ако плаќа член, плаќа и работодавец; или работавецот нуди на сите; или работодавецот решава само некои работници да ги стимулира, итн. Проценката на средствата е обврска на друштвото. Порано тоа го правела банката чувар, но според најновите законски измени, вреднувањето го врши друштвото, а чуварот проверува и потврдува и потоа испраќа до ХАНФА. Секако, заради контрола има „mirror” систем во двете институции. Се посветува големо внимание на контрола на маркетингот и имаат големо време на чекање за одобрување на маркетинг материјали од страна на ХАНФА.
При посетата на чуварот на имот, Hypo Group беше посочено дека со експанзијата на средствата во пензиските фондови и во инвестиционите фондови се зголеми интересот за custody бизнисот. Сметаат дека е добро секоја банка да инвестира во овој бизнис и дека сериозните банки оваа функција ја сметаат за престиж. Услугата чувар на имот во рамките на банката е сместена во Секторот за инвестициско банкарство кое е област од стратешки интерес на банката. Сите парични сметки се отворени во име на фондот (а во странство во име на чуварот) а сметката за хартии од вредност во Централниот Депозитар е отворена во име на чуварот, а за сметка на пензискиот фонд. Во Хрватска пензиските фондови не се даночни обврзници, а не се плаќа данок на капитална добивка на инвестиции, ниту данок на добивка на дивиденда. Но доколку би постоела даночна обврска на фондот чии средства се чуваат, друштвото би очекувало чуварот да се грижи за сите даночни обврски и права на фондот, вклучувајќи го и повратот на данок.
При посетата на супервизорското тело ХАНФА се одржа интерактивна дискусија во врска со искуствата од доброволното капитално финансирано пензиско осигурување во Хрватска. Доброволното пензиско осигурување во Хрватска има голема конкуренција (инвестициони фондови, животно осигурување, станбено штедење и добрволно пензиско осигурување), а луѓето немаат доволно средства за се, па мора да изберат. А резултатите од трет столб најспоро се гледаат. Поради тоа ссобено е важен даночниот третман. Значајно е производот да биде интересен за да биде избран. Друго прашање на кое се посветува особено внимание во третиот столб е маркетингот и неговата контрола. Особено внимание се посветува на информативниот проспект бидејќи врз основа на податоците во него членот одлучува дали ќе се зачлени. Друштвото секогаш е одговорно за агентите(физички или правни лица) бидејќи склучува договор со нив, и ако има неправилност прво се казнува друштвото. Во врска со лиценцирање на друштвата и фондовите документите кои се доставуваат до барањето за основање друштво и фонд се пропишани со закон, а лиценца добиваат барателите кои ги исполнуваат законските услови. За менаџерите и членовите на управата се бара да имаат лиценца за управување со пензиски фондови. Лиценцирањето трае 60 дена. Во врска со вршето на контролата на друштвата, нема разлика меѓу задолжителни и доброволни друштва. Кај доброволните има полиберални услови за инвестирање, меѓутоа супервизијата е иста..
Заклучок од ова студиско патување е дека истото беше многу корисно бидејќи на лице место можеа се чујат искуствата и препораките од сите институции вклучени во доброволното пензиско осигурување. Се стекна впечаток дека основните елементи значајни за почетна фаза на доброволно пензиско осигурување се вградени во предлог законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување во РМ. Во Хрватска, поради големата конкуренција, дадени се повеќе можности за членување, отворени, затворени фондови итн.
Ова студиско патување беше организирано со поддршка на УСАИД/ Проектот за деловно опкружување.