Во периодот од 24 до 26 септември 2007г. во Софија, Р.Бугарија се реализираше студиска посета на супервизорски и финансиски институции во Бугарија.
Целта на студиското патување беше запознавање со искуствата од функционирањето на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување од аспект на супервизија и регулатива на друштвата за управување со пензиски фондови и чуварот на имот. За таа цел беа посетени Комисијата за финансиска супервизија на Бугарија, две друштва за управување со пензиски фондови (Allianz и ДСК-Родина) и еден чувар на имот ( United Bulgarian Bank).
Во Комисијата за финансиска супервизија се одржаа две презентации во текот на кои имаше интерактивна дискусија по разни прашања. Во првата презентација беше даден краток осврт на пензискиот систем, со посебен осврт на доброволното пензиско осигурување (трет и т.н.”четврт” столб) од аспект на законската рамка, процесот на лиценцирање, уплатата на придонесите, надоместоците, правата на членовите и искуствата од функционирањето на доброволното пензиско осигурување. Во втората презентација беше даден осврт на супервизијата на чуварот на имот. Беше посочена законската рамка и функциите и задачите на чуварот на имот, меѓу кои како особено важна беше истакната контролната функција на банката чувар.На посетата на чуварот на имот, United Bulgarian Bank, најмногу внимане беше посветено на фукнциите кои ги извршува чуварот за имот како и на односот помеѓу пензиското друштво и банката за извршување на функцијата чувар на имот. При посетата на пензиските друштва Allianz и ДСК-Родина делегацијата имаше можност да направи споредба на друштвата и пензиските системи во Бугарија и Македонија. Посетата на Allianz беше покриена со три презентации за време на кои имаше интерактивен разговор. Првата презентација беше општа за пензискиот систем во Бугарија и нивниот тростолбен систем. Втората презентација се однесуваше на даночните стимулации при вложување во пензиските фондови, а третата на организацијата на инвестициската дејност во пензиското осигурување. Посетата на друштвото ДСК-Родина беше од особена важност бидејќи станува збор за едно од најстарите друштва кое до минатата година било и најголемо друштво во Бугарија. Во работењето друштвото ги следи стандардите на компанијата мајка (унгарската компанија OTP). Од август 2007 г. друштвото има одобрение за управување со новите професионални пензиски фондови.
Делегацијата од Македонија која учествуваше на оваа студиска посета оцени дека посетите на наведените институции беа од големо значење, бидејќи на лице место се осознаа искуствата и препораките од сите институции вклучени во доброволното пензиско осигурување. Со овој престој се стекна впечаток дека во предлог законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување се обезбедени сите содржини потребни за еден закон од ваков карактер.
Ова студиско патување беше организирано со поддршка на УСАИД/ Проектот за деловно опкружување.