Говор на директорот д-р. Булент Дервиши, по повод 10-годишнината од основањето на МАПАС
Почитуван министер, почитувани претставници на Европската Унија, почитувани соработници!
Чест ми е и задоволство да ви се обратам во овој свечен момент по повод 10-годишнината од основањето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
Во овие 10 години постоење МАПАС континуирано работи на исполнување на својата мисија – заштита на интересите на членовите на пензиските фондови и поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови.
Во овие 10 години МАПАС континуирано се грижи за правата и интересите на членовите на пензиските фондови чија бројка достигна околу 318 илјади во вториот столб и околу 15 илјади во третиот столб на пензискиот систем. Средствата на пензиските фондови достигнаа вредност од околу 330 милиони Евра во вториот столб и околу 3 милиони Евра во третиот столб.
Од основањето на пензиските друштва МАПАС секојдневно ги следи активностите на пензиските друштвата и пензиските фондови, преку вонтеренски и теренски контроли; редовно организира испити и врши регистрирање и контрола на агентите за вршење маркетинг со цел овозможување правилно и фер информирање на постојните и идните членови во пензиските фондови. Секоја година МАПАС редовно одговара на поплаките и барањата од страна на членовите на пензиските фондови.
Како регулатор од областа на капитално финансираното пензиско осигурување МАПАС континуирано работи на развивање на нови и ажурирање и унапредување на веќе донесените подзаконски акти од областа на задолжителното и добролното капитално финансираното пензиско осигурување. Во моментов има околу 50 акти кои ја регулираат областа.
Секако, сите овие години, активно и во континуитет МАПАС работеше на развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување. Тука спаѓаат едукативните кампањи за јавноста, бројните интервјуа во електронските и печатените медиумите и бројните презентации за разни категории граѓани – од студенти, како идни членови, преку вработени – на нивните работни места или преку стопанските комори, до пензионери.
МАПАС обезбедува транспарентност во своето работење и преку изготвување, печатење и дистрибуирање на редовни месечни и квартални статистички извештаи, годишен извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување и годишен извештај за своето работење, како и преку редовно ажурирање на својата веб страна за сите новости и активности.
Почитувани,
Визијата на МАПАС е – независна, стручна и модерна институција која го штити и унапредува пензискиот систем.
Со најновите законски измени МАПАС стекна институционална независност, со тоа што надзорот за работењето на МАПАС од извршната се пренесува на законодавната власт.
Нашите вредности се: професионализам, одговорност, тимска работа, углед, транспарентност и посветеност на нашата мисија и визија. МАПАС во моментов има тим кој вклучува околу 25 лица, високостручен кадар и тоа од областа на економијата, правото, информатиката и математиката. МАПАС, од својот почеток, вложува во своите вработени и нивната стручна обука. Така во МАПАС, има 5 вработени кои имаат положено испит за инвестиционо советување; има еден овластен актуар и еден кој во моментов следи обука за актуар; тројца вработени со правосуден испит, еден водечки ревизор за ИСО стандардот 9001 и двајца видечки имплементатори за 27001, двајца ИТ експерти кои поседуваааат лиценци од Мајкрософт за администратори на бази на податоците, итн. Бројни се посетите и презентациите на вработени од МАПАС на стручни семинари и конференции. МАПАС овој месец се пресели во нови простори, кои овозможуваат модерни услови за работа, а едновремено се ослободени од трошок за кирија и значат домаќинско работење на МАПАС.
Од 2007 година МАПАС е членка на Меѓународната организација на пензиски супервизори (ИОПС) и активно учествува во нејзината работа, преку својата определба за следење на принципите во вршењето на својата регулаторна и супервизорска функција изградени врз основа на најдобрите светски практики.
Заради обезбедување на ефикасна супервизија и регулатива на капитално финансираното пензиско осигурување, МАПАС редовно соработува со Министерството за труд и социјална политика, како и со Министерството за финансии, Народната банка на Република Македонија, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, Македонската Берза, Фондот на ПИОМ, Агенцијата за супервизија на осигурување и со други органи и институции во земјата. Исто така, МАПАС има склучено шест меморандуми со сродни супервизорски и регулаторни тела од странство (од Бугарија, Хрватска, Словенија, Полска, Турција и Романија) за размена на искуства и за унапредување, како на капитално финансираното пензиско осигурување, така и на сопственото работење. Во сите изминати години МАПАС зеде активно учество во меѓуинституционални работни тела насочени кон усогласување со законодавството, директивните и прцедурите за членство во Европската унија и изготвувањето соодветни извештаи.
Почитувани,
МАПАС е основана врз основа на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, како независно супервизорско и регулаторно тело и формално започна со работа од јули 2002 година. МАПАС е основана заради вршење супервизија на работењето на пензиските друштва и пензиските фондови, а целта на нејзиното постоење е заштита на интересите на членовите на пензиските фондови и поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување.
Органи на МАПАС се директор, негов заменик и Управен одбор. Во својата организациска поставеност МАПАС вклучува 4 сектори: сектор за контрола, секторот за истражување, правен сектор и сектор за административно – финансиски работи и и информатика. МАПАС почна со неколку вработени, а со развојот на системот и зголемување на обемот на работата, постепено се надградуваше и растеше капацитетот и бројот на вработени во МАПАС. Со најновите законски измени орган на Агенцијата е Советот на експерти, кој ќе биде составен од пет члена, именувани од Собранието на Република Македонија.
МАПАС од почетокот активно учествуваше во промоцијата на новиот пензиски систем, преку средби и презентации во Бугарија, Унгарија, Хрватска, Словенија, Велика Британија, итн., како и во земјата, со реномирани банки и осигурителни компании, т.е. потенцијални основачи на пензиски друштва.
Во 2005 година, по организираниот тендер од страна на МАПАС, беа доделени 2 дозволи за основање на пензиски друштва и 2 одобренија за управување со задолжителни пензиски фондови. Едновремено, МАПАС имаше особено значајна улога во информирањето на граѓаните за карактеристиките на задолжителното капитално финансирано пензиско осиурување и за постапката за зачленување во вториот столб на пензискиот систем.
Следната 2006 година ја обележа почетокот на уплата на придонеси во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, односно во задолжителните пензиски фондови од вториот столб. Истата година беа спроведени и првите теренски контроли на МАПАС во двете пензиски друштва и тоа контрола на работењето на друштвото и контрола на работењето со средствата на пензискиот фонд.
Во однос на законската обврска за јакнење на свеста на јавноста за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС имаше активно учество во јавната кампања на Министерството за труд и социјална политика за инфомриање на нововработените лица кои се задолѓжителни членови на двостолбниот пензиски систем. Исто така МАПАС продолжи да ја остварува својата законска обврска, преку објавување на огласи на различни теми и тоа: „Што значи времено распределен осигуреник?”; „Распределба на осигуреници од страна на Агенцијата”; „Што треба да знаете кога се зачленувате во пензиски фонд?”; „Рок на избор три месеци”; „Ако се предомислите – доставете поднесок” во печатените дневни и неделни медиуми.
За промоција на третиот столб, МАПАС и Министерството за труд и социјална политика презедоа повеке промотивни активности, кои вклучуваа и организација на тркалезни маси во соработка со Проектот за деловно опкружување на УСАИД, потоа регионална конференција на тема “Размена на искуства од имплементацијата на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување низ призма на усогласување со ЕУ директивите” со финансиска поддршка од Советот на Европа на која учествуваа предавачи од Хрватска, Бугарија, Македонија, Холандија и гости од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, итн.
Во текот на 2008 година се заокружи еден комплексен систем на капитално финансирано пензиско осигурување со донесувањето на Законот за доброволното капитално финансирано пензиско осигурување. Таа година беше особено интензивна во областа на изработка и носење на подзаконски акти (околу 50) со цел усогласување со измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, како и Законот за доброволното капитално финансирано пензиско осигурување.
Една од активностите кои ја обележаа 2008 година беше и добивањето на наградата за добро деловно управување во категоријата: други органи на државната управа/организации на централно ниво, доделена на МАПАС од страна на Фондацијата институт отворено општество на Македонија
Во 2009 година најзначајна активност за МАПАС беше лиценирањето на двете пензиски друштва за за вршење дејност управување со доброволни пензиски фондови. Со тоа двете постојни пензиски друштва основаа по еден доброволен пензиски фонд и во втората половина на 2009 година започнаа со активности на маркетинг, зачленување и прибирање на добролни придонеси во дброволните пензиски фондови во рамките на третиот столб.
2009 година е значајна и од аспект на премин на функцијата чувар на имот од Народната банка на Република Македонија во деловни банки, процес во кој активно учество имаше и МАПАС.
И во 2009 година беше изразена улога на МАПАС во развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и правата на членовите на пензиските фондови, особено за новото доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Така, имаше повеќе медиумски настапи и написи во пишаните медиуми, потоа учество во тркалезна маса во организација на AmCham Macedonia, како и работна средба со претставници на работодавачите од Република Македонија заради запознавање со можностите, бенефициите и погодностите кои ги нуди доброволното капитално финансирано пензиско осигурување и формирањето на професионалните шеми.
Во текот на 2010 година, по иницијатива на МАПАС, донесени се законски измени со кои се воспоставени основите за буџетска независност на Агенцијата што е препораката од Европската Комисија во нејзиниот Извештај за напредокот на Република Македонија во 2009 година.
Во март 2011 година МАПАС организираше Работилница за Кодексот за добро корпоративно управување на пензиските друштва во соработка со IFC (International Finance Corporation) и SECO (Швајцарска канцеларија за соработка во Македонија), каде своите искуства ги споделија претставници на пензиските друштва, претставници на Комисија за хартии од вредност и Народна Банка на Р. Македонија. Истата година, во април, по повод обележувањето на петгодишнината од воведувањето на капиталното финансирано пензиско осигурување и заокружување на успешната соработка со Светска Банка во областа на пензиските реформи, се одржа Меѓународна конференција за пензиски реформи и идни предизвици, на која присуствуваа претставници од пензиските друштва, деловните банки, осигурителните компании, експерти од пензиската област, НБРМ, меѓународни организации кои ја дале своја поддршка во спроведување на пензиската реформа, како и делегации од други држави.
Агенцијата активно учествуваше во работата со консултанти, на анализи и работилници со цел изготвување на предлог закон и предлог подзаконски акти со кои се уредува исплатата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансираното пензиско осигурување, чиј предлагач е Министерството за труд и социјална политика, а кој закон беше донесен на почетокот на 2012 година.
Во 2012 година со законските измени, МАПАС поминува во надлежност на Собранието на Репулика Македонија, со цел засилување на независноста на ова регулаторно и супервизорско тело.
Во мај 2012 година МАПАС беше домаќин на втората регионална конфренција за пензиска супервизија на тема супервизијата заснована на оценка ризик , која беше организирана во соработка со ИОПС и ИАИС, на која учествуваа претставници на околу 15-тина земји од регионот и пошироко.
Последен проект во низата е проектот „Поддршка на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување” финансиран од Европската Унија, на кој интензивно се работеше во МАПАС во текот на 2011 и 2012 година, во рамките на кој се работеше заедно со странски и домашни консултанти на;
- воведување на супервизија базирана на оценка на ризик
- воспоставување на стратешки план на Агенцијата и опис и дефинирање на деловните процеси на Агенцијата
- зајакнување на капацитетот на Агенцијата за истражување, странски пазари на капитал и странски финансиски пазари, воведување на информациски систем за сигурност и ИСО стандардизација.
Резултатите од овој проект отвораат нови поглавја за МАПАС.
Зад нас се многу активни и успешни 10 години, но предизвикот за раст и унапредување како на МАПАС, така и на системот на капитално финансирано пензиско осигуруваање и заштита на интересите на членовите ќе не води напред.
Скопје, 26 ноември 2012 г.