Супервизија врз основа на оценка на ризик како проактивен пристап за ублажување или отстранување на потенцијалните ризици во системот –
д-р.Булент Дервиши
Како претставник од страна на супервизијата и регулативата во моето излагање најмногу ќе се осврнам на последните измени во регулативата кои се однесуваат на супервизија врз основа на оценка на ризикот и проактивниот начин кој Агенцијата го применува при редовната супервизија на пензиските ентитети.
Од супервизорски аспект последниве години во голем број земји особено е актуелна темата за супервизијата базирана на оценка на ризик. Пензиските супервизори низ светот ги следат финансиските сектори и се движат кон супервизија врз основа на оценка и контрола на ризиците со цел проактивно дејствување. Ова преставува процес кој вклучува идентификување и проценување на потенцијалните ризици со кои се соочуваат пензиските фондови и преземање мерки за ублажување или отстранување на ефектите од овие ризици.
Во рамките на ИПА Проектот со кој Агенцијата работеше година и пол една од клучните компоненти за Агенцијата беше воведувањето на супервизија базирана на оценка на ризик во пензискиот систем. При тоа од проектот произлегоа неколку работни документи во кои клучните експерти во соработка со вработените во Агенцијата ги дефинираа насоките за предлог измените на регулативата. Во таа насока се изготвија и измени во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување кои Министерствот за труд и социјална политика ги поднесе до Влада на РМ за понатамошно постапување.
Измените се однесуваа на областите за:
- Добро корпоративно управување и фидуцијарна должност,
- Управување со ризик,
- Супервизорски мерки,
- Пресметка на приносот и
- Принципи на инвестирање со воведување на принципот на разумен човек.
Дополнително се изменети уште две области произлезени од супервизорските стандарди базирани на оценка на ризик што предвидува префрлање на оперативните обврски од Агенцијата, на пензиските друштва односно чуварот на имот, а задржување на контролната функција на Агенцијата. За истите се оцени дека е временски соодветно да се префрлат кај останатите ентитети и остава поголем простор на Агенцијата да ги насочи ресурсите на повисоките ризици и тоа се однесува на обласите за
- Премин на член и трансфер на средства и
- Вреднувањето на средствата на пензиските фондови и потврдувањето од Чуварот на имот.
Кратко би се осврнал на образложение на секоја од областите кои се однесуваат на супервизијата базирана на оценка на ризик.
Една од компонентите кои се изменуваат се зајакнување на принципите на добро корпоративно управување, внатрешната ревизија и воведување на фидуцијарната должност со цел да се подигне нивото на управувањето со пензиските друштва и пензиските фондови во насока на заштита на интересите на членовите на пензиските фондови. Тоа подразбира воспоставување на фидуцијарна должност за интересите на членовите на пензиските фондови од страна на менаџментот на пензиските друштва преку засилување на доброто корпоративно управување. Значи дека кога ги превземаат обврските за секој пензиски фонд со кој раководат, одговорното лице на пензиско друштво има фидуцијарна должност да делува единствено во насока на најдобрите интереси на членовите на тој пензиски фонд. Во таа насока се очекува одговорните лица во пензиските друштва да применуваат стандарди на висока етика и интегритет и на ниту еден начин нема да бидат под влијание на конфликтни интереси и секогаш да се информирани со прашањата кои се релевантни за нивните одговорности и при тоа ќе се грижат слични стандарди да се применуваат од вработените и секое лице кое ќе го ангажираат за да им помогне во управувањето со пензиските фондови. Истовремено со ова се зголемува сигурноста на Агенцијата дека менаџментот и вработените се компетентни и имаат ефективни контроли и усогласени процеси. Инаку принципот на добро корпоративно управување како што знаете претставува форма на намалување на ризиците при што ги мониторира сите контролни точки и притоа може да влијае на сите ризиции. Неговата оценка придонесува за оценка пак на намалувањето на влијанието на ризиците во секоја контролна точка.
Воведувањето во регулативата на делот за управување со ризик претставува еден од принципите на добро корпоративно управување што предвидува пензиските друштва да воспостават систем за управување со ризици корисен да ги препознае потенцијалните ризици кој пак доколку се материјализираат, можат да имаат влијание на целите за делување на пензиските друштва, имотот на членовите на пензиските фондови и пазарите во целина. Со системот на управување со ризици пензиските друштва ќе можат во соодветно време и на соодветен начин да воспостават контроли односно техники и мерки со кои ќе ги намалат веројатностите и влијанието на одреден ризик врз работата на пензиските друштва и пензиските фондови. Измената предвидува и назначување на лице одговорно за управување со ризици кое ќе има пристап до податоците во друштвото, потоа објективно ќе анализира ризици, ќе го советува управниот одбор при донесување на одлуки врз основа на оценка на ризиците и при тоа ќе поднесува извештај за работата.
Согласно воведувањето на супервизија базирана на оценка на ризик од страна на Агенцијата како и согласно пазарот на пензиски фондови во регулативата детално се поставени и прилагодени супервизорските постапки и мерки што Агенцијата ги презема и истите се поделени во групи. Мерките што би се преземале од Агенцијата, ќе зависат од двата главни аспект на ризикот: неговата потенцијална штета и веројатноста да се случи тој ризик, и при тоа супервизијата ќе се насочи кон проактивен пристап односно преземање на дејствија кои спречуваат материјализирање на одреден ризик. При тоа Агенцијата предвидува три групи на мерки кои јасно се дефинирани. Првата група мерки предвидува однесување кое би придонело кон прифаќање на добри деловни практики со цел да се намали влијанието на одредени ризици, потоа втората група мерки предвидува однесување кое бара повикување на состанок и при тоа се дава задолжение за отстанување на незаконитости и третата група предвидува неприфатливо однесување од супервизираниот ентитет што би предизивикало превземање на повисока мерка. Преку преземањето на градациски мерки од страна на Агенцијата ќе овозможи супервизираниот ентитет да го усогласи неговото работење со одредбите од законот.
Делот на измените во областа на инвестирањето опфаќа два аспети. Со првиот се предвидува проценката на вредноста на приносот од инвестирањето на средствата на пензиските фондови да се продолжи наместо на период од 3 години на период од 7 години, со цел да се истакне фокусот на инвестирањето на долг рок. Едновремено се бара објавување на номинален и реален принос со цел да се види и влијанието на инфлацијата. Измените точно ги дефинира елементите и периодот при процентуалната пресметка на приносот од инвестирање на средствата на пензиските фондови.
Вториот аспект во делот на инвестирањето предвидува поврзување на инвестирањето согласно принципот на разумен човек, инвестирање на средства преку управување со ризици и годишен контролен инвестиционен документ на инвестиционата стратегија. Принципот на разумен човек предвидува обврска за грижа, одговорност и вештина, од страна на секој вработен во пензиското друштво, какви што би биле применувани при инвестирање на сопствени средства. Во однос на принципите при инвестирање што треба да се имаат предвид покрај постојните диверзификацијата и сигурноста јасно се дефинирани обврските за минимизирање на кредитниот ризик, пазарниот ризик, инфлациониот ризик и ликвидносниот ризик. Во однос на воспоставување на систем за управување со ризици пензиските друштва ќе можат во соодветно време и на соодветен начин да воспостават контроли односно техники и мерки со кои ќе ги намалат веројатностите и влијанието на овие ризици при инвестирањето на средствата на пензиските фондови. Што се однесува на измените поврзани со инвестиционите документи, во овој случај по детално се дефинирани елементите на инвестиционата стратегија и при тоа пензиското друштво треба, најмалку еднаш годишно за секој пензиски фонд што го управува, да изготви инвестиционен документ за начинот на примена на инвестиционата стратегија за следните 12 месеци, вклучувајќи инвестирање, интерни ограничувања и изложеност на ризици.
Во последниот дел од измените се однесува на активностите кои досега ги извршуваше оперативно Агенцијата но сега се префрлаат кај пензиските друштва односно чуварот на имот со кој се предвидува премин на членови и преносот на средства од еден постоен во друг иден пензиски фонд. При тоа Друштвото кое управува со идниот пензиски фонд е должно да ги провери исполнетоста на условите за премин, а потоа да го запише членот во Регистарот на членови. Се предвидува Агенцијата со подзаконски акт подетално да го уреди договорот за премин, изјавата за согласност за премин и други прашања поврзани со склучување на договорот за премин.
Во таа насока е и обврска на банките чувари на имот на пензиските фондови да вршат дневна пресметка на нето средствата и на сметководствената единица на секој фонд, потоа да се усогласат со проценката што ќе ја добијат од пензиските друштва на тој ден и да известуваат и осигураат дека секоја разлика во извршувањето на овие функции е елиминирана. Се истакнува дека чуварите на имот веќе вршат проценка за инвестиционите фондови во државата и истите се веќе добро екипирани и имаат инвестиции во софтверски апликации за вреднување и се очекува брзо да се прилагодат на предложените измени во законот за од 01.01.2014 година целосно да ја превземат оваа активност. Покрај тоа чуварот на имот има обврски и да се грижи за усогласеноста на портфолијата на секој пензиски фонд со инвестиционите ограничувања согласно законските и подзаконските акти.
Во овој дел сакам да ве известам дека во рамкита на Агенцијата е формирано посебно тело Комитет за ризик со претставници од сите сектори кои на редовни квартални состаноци се разгледуваат потенцијалните ризици во системот и при тоа се ревидираат постојните и се разгледуваат предлози за други можни ризици кои би требало да се мерат.
На крај сакам да истакнам дека оваа година за Агенцијата се случија неколку важни настани од воведувањето на супервизијата базирана на оценка на ризикот, преку добиената независноста за Агенцијата за да се заокружи со прославувањето на 10 годишнината на постоењето на МАПАС и со тоа сметам дека во овој период е постигнат голем напредок во реформата на пензискиот систем.
Во таа насока Агенцијата ќе продолжи секојдневно со своите супервизорски активности и ќе работи на унапредување на вториот и третиот столб, како и на промоција и развивање на свеста кај јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување, со единствена цел – заштита на интересите на членовите.