Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Обраќање од Ментор Јакупи -внатрешен член на Советот на експерти на МАПАС

Агенцијата како самостојно и независно тело, регулатор, супервизор, промотор – клучна алка во системот на капитално финансирано пензиско осигурување 

На почеток сакаме да ја поддржиме иницијативата од страна на Асоцијацијата на друштвата за управување со приватни пензиски фондови за средба и меѓусебно информирање на состојбите во капитално финансирано пензиско осигурување. Од ваквите средби произлегуваат иницијативи кои може да придонесат за развојни идејни перспективи и заедничка соработка во областа на пензиското осигурување.

Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување е основана заради вршење супервизија на работењето пензиските друштва и пензиските фондови со крајна цел да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови.

Сакам да ве известам дека по законските измени за институционална независност на Агенцијата, од февруари 2013 година Собранието на Р.Македонија го именуваше новото тело за управување на Агенцијата – Советот на експерти кој има пет члена, од кои еден е претседател, два се внатрешни члена и два се надворешни члена.

Советот на експерти на Агенцијата уште од неговото именување работи на унапредување на капитално финансирано пензико осигурување. Во таа насока Советот во овој цел период работи на донесување на подзаконска регулатива заради усогласување со измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот з доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за исплата не пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување. Со таа цел, во оваа година се донесени измени на околу 30 подзаконски акти.

Од тој аспект Агенцијата во овој период целосно ги примени и ги насочи внатрешните процедури кон супервизија врз основа на ризици. Агенцијата теренските редовни контроли како и вонредните контроли ги спроведува врз основа на ризици а во рамките на Агенцијата веќе функционира телото Комитет за оценка на ризик кој на редовни состаноци ги анализира ризиците во системот и во поединечните супервизирани ентитети во пензиското осигурување.

Исто така, Агенцијата особено активно работи на подготвувањето на подзаконските акти поврзани со исплатата на пензиите и пензиските надоместоци од вториот и третиот столб. Агенцијата во наредниот период ќе ја донесе оваа подзаконска регулатива, за што  минатиот месец преку проектот TAIEX во рамките на програмата на Европската Унија, Агенцијата имаше ангажирано консултант за подзаконската регулатива. При тоа во врска со оваа подзаконска регулатива ќе се креираат нови процеси во соработка со Агенцијата за супервизија на осигурување, Фондот на ПИОМ и пензиските друштва.

Исто така, во однос на подзаконската регулатива која ја донесува Агенцијата би сакале да ве известиме и за новината која Агенцијата ја воведува почнувајќи од декември 2013 година, а тоа е дека секој подзаконски акт пред Советот на експерти да го донесе ќе биде поставен на интернет страната за коментирање од заинтересираните лица.

Агенцијата постојано е насочена кон промоција на пензискиот систем и  финансиска едукација за развивање на свеста на јавноста.

Во периодот од ноември 2012 година до март 2013 година беше спроведено истражување на јавното мислење за реформираниот пензиски систем во Република Македонија. Истражувањето го вршеше Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) за потребите на Агенцијата и Министерството за труд и социјална политика.

Целта на истражувањето беше да се подигне јавната свест и да се подобри информираноста за пензискиот систем и за правата и обврските на членовите на вториот и третиот столб, од една страна, како и да се обезбедат информации за институциите во рамки на пензискиот систем на Република Македонија за преземање дополнителни активности во насока на подобрување на нивното работење и излегување во пресрет на интересите на членовите, од друга страна.

На 8 октомври 2013 година започна едукативна кампања за пензиско штедење под мотото:” Моето друштво е мој избор, а штедењето моја иднина… ” кој се спроведува од страна на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за образование и наука, Агенцијата и двете пензиски друштва, НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје. Целта на едукативната кампања е финансиска едукација и развивање на свеста кај младите за значењето на пензиското штедење. Имено, со оваа едукативна кампања им се обраќаме на младите со цел да ги запознаеме со пензискиот систем во целина и улогата на пензијата и значењето на пензиското штедење во животот на секој човек.

Исто така, Агенцијата постојано е насочена кон соработка со други институции за финансиска едукација на јавноста ставајќи поголем акцент на младата популација.

Дополнително, како измена што Агенцијата ја воведе преку својата подзаконска регулатива е известувањата што пензиските друштва задолжително ед­наш годишно ги ин­фор­ми­раат во пис­ме­на фор­ма члено­ви­те на задолжителните и доброволните пен­зи­ски­ фондови за со­стој­ба­та на средс­тва­та на нив­ни­те сметки. Известувањата до члено­ви­те на задолжителните и доброволните пен­зи­ски­ фондови ќе бидат доставувани во зелен плик. Оваа идеја произлезе од позитивните искуства во странство со цел за препознатливост на редовните годишни известувања кои се доставуваат до сите членови.

Исто така беа направени одредени измени во форматот на извештаите кои се доставуваат до членвоите во насока на нивна поголема прегледност, поедноставен и сликовит приказа на нивната пензиска заштеда, како и појаснување на основните термински поимите кои се сеуште непознати за членовите (пример, сметководствена единица). Едновремено, се воведе обврска во договорите за членство и други маркетинг материјали на пензиските друштва да се наведат информации за Агенцијата како супервизор и регулатор.

Од аспект на транспарентност Агенцијата тековно и навремено објавува месечни, квартални и годишни статистички извештаи во кои се прикажани најзначајните бројки и показатели поврзани со вториот и третиот столб, а еднаш годишно објавува и многу обемен извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување кој содржи многу податоци, информации и анализи. Новина оваа година е објавата на месечниот електронски информатор Е- МАПАС кој се објавува на интернет страната на Агенцијата и се доставува на сите заинтересирани лица по електронска пошта, каде на многу приемлив и сликовит начин на читателите им се приближуваат релевантните теми од капитално финансираното пензиско осигурување.

Агенцијата во наредниот период ќе продолжи со соработката со институциите од земјата и странство со кои има потпишано договори за соработка со цел да обезбеди ефикасна супервизија.

Секако, како и досега, ќе продолжи секојдневно со своите супервизорски активности врз пензиските друштва и пензиските фондови и ќе работи на промоција и на развивање на свеста кај јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување.

Skip to content