Обраќање на Претседателот на Советот на експерти, д-р Булент Дервиши
Почитувани ,
Зад нас е уште една успешна година во која континуирано расте бројот на членови и средства во вториот и во третиот столб. Тоа значи дека МАПАС се грижи за интересите на над 350 илјади членови во вториот столб и околу 20 илјади членови во третиот столб, како и средствата кои изнесуваат околу 440 милиони евра.
Во насока на подигнување на свеста на јавноста за капитално финансираното пензиско осигурување и излегување во пресрет на интересите на своите членови МАПАС, веќе во текот на целата претходна година активно презема активности за подигнување на свеста на јавноста и особено младите како идни членови во тростолбниот пензиски систем преку едукативна кампања за младите и посети на средните училишта и факултети, делење на информативни флаери, активирање и редовно ажурирање на новости на facebook страна, изработка и достава на електронски информатор Е-МАПАС, и др.
Денес, особено сакам да ја истакнам најновата измена што МАПАС ја воведе преку измена на подзаконската регулатива во врска со известувањата што пензиските друштва задолжително еднаш годишно ги доставуваат во писмена форма до членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови за состојбата на средствата на нивните сметки.
Имено, известувања до членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови ќе бидат доставувани во зелен плик со цел нивна лесна препознатливост. Зелениот плик содржи два вида извештаи, едниот извештај е за состојбата на пензиската заштеда на членот, а вториот се однесува на портфолиото на пензискиот фонд.
Исто така, беа направени одредени измени во форматот и содржината на овие извештаи во насока на нивна поголема прегледност, поедноставен и сликовит приказ на пензиската заштеда на членовите и инвестирањето на нивните средства, како и вклучување на појаснување на основните термински поими кои се уште се непознати за членовите (како на пример, сметководствена единица).
Сите овие измени МАПАС ги направи слушајќи ги желбите и потребите на членовите. Имено, пред околу една година беше спроведено истражување, во кое со директни интервјуа и фокус групи составени од членови се зборуваше за овие извештаи, колку ги разбираат и што не разбираат. МАПАС постојано се залага за транспарентен пристап, а едновремено врши и едукативна улога, така што на некој начин и „ги учиме“ членовите за нивните права и обврски од вториот и третиот столб.
Во таа насока, МАПАС последниот квартален електронски билтен Е-МАПАС целосно го посвети на темата за годишните известувања и зелениот плик, каде има детални илустрирани појаснувања за читање на Извештајот за пензиска заштеда и Извештајот за ивестициско портфолио. Е-МАПАС се објавува на интернет страната на МАПАС, а исто така на сите заинтересирани лица им се праќа на електронска пошта.
При тоа сакам да истакнам, дека е од особено значење членовите на вториот и третиот столб да имаат доставено ажурирани контакт адреси во своите пензиски друштва, за зелениот плик да стигне до нив. Поради тоа, ги повикуваме сите членови кои имаат направено промена во своите лични податоци истите да ги ажурираат со цел да ги добиваат редовно годишните извештаи од пензиските друштва каде членуваат.
За членот да знае колкава е неговата пензиска заштеда и како се инвестирани неговите пари, пожелно е секој член на пензиските фондови кој нема да добие зелен плик од своите пензиски друштва да се јави во пензиските друштва или МАПАС за проверка дали нивните податоци се точни и целосни.
МАПАС постојано е насочена кон заштита на интересите на членовите и, како и досега, ќе продолжи секојдневно со своите супервизорски активности врз пензиските друштва и пензиските фондови и ќе работи на промоција и на развивање на свеста кај јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и негово континуирано поттикнување и унапредување.