02.09.2014
Советот на експерти на седницата одржана на 02.09.2014 година го донесе:
Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за начинот на членство во доброволен пензиски фонд.>>>
Образложение
Со член 1 од овој правилник, по постојниот член 16, се додаваат два нови члена 16-а и 16-б со кои се регулира можноста за корекција, менување и ажурирање на податоците на член на доброволен пензиски фонд. Со членот 16-а се дава можност друштвото да коригира личен податок на член во оригинален договор за членство и да менува или ажурира личен податок на член во евиденцијата на членови кои се сопственици на доброволни индивидуални сметки и во евиденцијата на членови кои се сопственици на професионални сметки врз основа на барање на Образец 6 на овој правилник. Друштвото врши непосреден увид во лична карта/документ за лична идентификација на членот преку лице овластено од надлежен орган на друштвото или преку агент.
Исто така, со член 16-б се регулира начинот на ажурирање на личните податоци во евиденцијата на членови по електронски пат односно преку електронскиот систем на интернет страната на друштвото. При тоа, заради обезбедување на безбедност и заштита на личните податоци, друштвото треба да обезбеди електронска идентификација и проверка на авторизацијата на лицето кое сака да изврши ажурирање на податоците.
Со член 2 се прави измена затоа што во обрасците 1, 2 и 5 се менува ознаката за матичен број на граѓанинот.
Со членот 3 се воведува нов Образац 6 како барање за ажурирање на личните податоци на членот.
Со членот 4 се уредува преоден рок за примена на Обрасците број 1, 2 и 5 односно да започнат да се применуваат од 1 јануари 2015 година заради потребата од техничка припрема на пензиските друштва при примената на овие одредби.