Имам чест и задоволство да Ви го претставам осмиот годишен извештај за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, кој ни сведочи за досегашните резултати и придобивки од реформираниот пензиски систем. Со завршувањето на 2013 година ја заокруживме осмата година од работењето на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (т.н. втор столб) и четвртата година од работењето на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (т.н. трет столб).
Во извештајот, најпрво е вклучен општ опис на карактеристиките на системот и краток осврт на најзначајните измени во законите и подзаконските акти од оваа област.
Понатаму, вклучени се податоци и информации за активностите на двете пензиски друштва во врска со нивното финансиско работење, маркетингот и почитувањето на законите и подзаконските акти од страна на друштвата. Секако, најголем дел од извештајот претставуваат обемните информации и анализи на работењето на четирите пензиски фонда (два задолжителни и два доброволни).
Во 2013 година тековно се одвиваа сите активности во вториот и во третиот столб.
Имено зачленувањето на членовите во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување продолжи на редовна основа во текот на 2013 година и бројот на членови достигна бројка од 350.040 членови. Ова претставува зголемување на бројот на членови во однос на 2012 година за околу 8%. Сега учесниците во двостолбниот пензиски систем претставуваат околу 66% од вкупниот број на осигуреници во Фондот на ПИОМ или околу 17% од вкупното население во Република Македонија.
Понатаму, во 2013 година тековно се вршеше прибирање на придонеси и инвестирање на средствата на задолжителните пензиски фондови. Вкупниот износ на средства на задолжителните пензиски фондови на 31 декември 2013 година достигна износ во висина од околу 27 милијарди денари (или околу 440 милиони евра), што претставува околу 5,65% од БДП.
Инвестициското портфолио на задолжителните пензиски фондови се состои од домашни државни хартии од вредност, депозити и акции, како и инвестиции во странство кои вклучуваат акции и удели на инвестициони фондови. Континуирано се зголемува диверсификацијата на инвестициите, што е основен предуслов за поголема сигурност на инвестициите.
На крајот на 2013 година, како резултат на работењето на задолжителните пензиски фондови во периодот од претходните седум години (2007 – 2013) беше остварен просечен пондериран принос во номинален износ од околу 5,31%, односно околу 2,27% просечен пондериран принос во реален износ сведен на годишно ниво.
Во текот на 2013 година имаше нешто помалку од 200 исплати од задолжителните пензиски фондови. Во најголем број случаи тоа се должеше на остварени семејни пензии и остварени инвалидски пензии, поради што нивните акумулирани средства беа пренесени во Фондот на ПИОМ, кој ја исплаќа семејната односно инвалидската пензија. Покрај тоа, имаше и исплати на средства како наследство од индивидуалните сметки на починати членови на вториот столб како и еднократни исплати на лица кои не стекнале право на старосна пензија.
Во текот на 2013 година продолжи и зачленувањето на членови во третиот столб. Може да се забележи дека во третиот столб има особен интерес за професионалните пензиски шеми, што е изразено преку зголемување на бројот на шеми, учесници во нив и уплатени придонеси.
До крајот на 2013 година во доброволното капитално финансирано пензиско осигурување се зачленија 18.525 членови (како индивидуални членови или како учесници во професионални пензиски шеми), со значително поголем број членови како учесници во професионални пензиски шеми (околу 73%).
На крајот на 2013 година средствата на доброволните пензиски фондови изнесуваат приближно 318 милиони денари (или околу 5 милиони евра), што претставува околу 0,07% од БДП. Во текот на 2013 година во доброволните пензиски фондови се уплатени вкупно околу 113 милиони денари доброволни придонеси (85% од нив се уплатени на професионални сметки).
Инвестициското портфолио на доброволните пензиски фондови се состои од домашни инвестиции кои вклучуваат државни хартии од вредност, депозити и акции, како и инвестиции во странство. На крајот на 2013 година како резултат на работењето на доброволните пензиски фондови за претходните четири години (2010 – 2013) беше остварен принос во номинален износ во опсег од 6,08% до 6,52%, односно во опсег од 3,00% до 3,42% во реален износ сведен на годишно ниво.
Во текот на 2013 година имаше околу 100 исплати од доброволните пензиски фондови. Најголем дел од исплатите се исплати во случај на старост со еднократно повлекување на средствата, а мал дел се исплати за случај на смрт со исплата на наследство.
Мора да се истакне дека пензиското штедење е штедење на долг рок (ако се има предвид дека едно лице работи 30 до 40 години), па така треба и да се ценат остварените резултати на пензиските фондови.
Во секој случај континуирано мора да се следат состојбите во пензиската област и да се преземаат мерки за унапредување, со цел заштита на интересите на членовите и остварување сигурна пензија во старост.
Во 2013 година Агенцијата ја продолжи редовната соработка со институциите во странство со кои Агенцијата има склучено меморандуми за соработка преку остварување работни средби за размена на искуства.
Во насока на подигнување на свеста на јавноста и излегување во пресрет на интересите на своите членови МАПАС во текот на 2013 година активно презема активности за подигнување на свеста на јавноста и особено младите како идни членови во тростолбниот пензиски систем преку:
– редовно објавување на новости на facebook страната;
– изработка и достава на информаторот Е-МАПАС;
-активно учество во едукативната кампања по средните училишта и факултети: “Моето друштво е мој избор, а штедењето моја иднина…”;
– активности за подигнување на нивото на финансиска писменост на населението во нашата држава како дел од координативното тело за финансиска едукација составено од претставници од финансиските супервизорски и регулаторни тела во Р.Македонија;
– измена во својата подзаконска регулатива во доставата на годишните известувања до членовите, кои од оваа година се доставувуваат во зелен плик со цел нивна лесна препознатливост итн.
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, како и во изминатите години, ќе продолжи секојдневно со своите супервизорски активности врз пензиските друштва, пензиските фондови и чуварите на имот, ќе работи на промоција и развивање на свеста кај јавноста, ќе соработува со институциите вклучени во пензиското осигурување и релевантни институции од финансиската област итн., во насока на остварување на својата мисија да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови и да го поттикне развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови.
Скопје, септември 2014 година