20.09.2014
Сите податоци за стаж на осигурување, плати и сите одговори поврзани со првиот и вториот пензиски фонд граѓаните ќе можат да ги добијат на пунктот кој денеска беше поставен на „Плоштад Македонија“.
Граѓаните само со лична карта ќе можат да ги добијат потребните информации од тимот вработени од Министерствотот за труд и социјална политика, Фондот на ПИОМ и МАПАС.
Со оваа активност започнува проектот „Ден за Вас“ кој освен во Скопје ќе се реализира и во другите градови ширум Македонија.
Денес го означуваме почетокот на проектот „Ден за Вас“ кој што е дел од програмата на Владата на Р.Македонија и е во насока на подигнување на степенот на информираност на граѓаните за периодот на нивното осигурување, за стажот и за сите отворени прашања, кои што ги имаат од областа на пензиско-инвалидското осигурување заедно МТСП, со Фондот на ПИОМ и МАПАС го започнуваме овој проект и оваа година, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Министерот посочи дека целата на овој проект е преку непосреден однос со граѓаните на јавни места, најчесто на плоштадите да им се доближи админсистрацијата што е можно поблиску, но и сите оние кои се заинтересирани за нивниот стаж на осигурување да добијат соодветна информација на лице место.
Спасов истакна дека граѓаните најчесто се заинтересирани за нивниот стаж на осигурување, платените придонеси и основицата на придонесите и тоа најчесто непосредно пред стекнувањето на услови за стекнување на старосна пензија или непосредно пред пензионирањето.
Со овој пункт посочи тој ќе се подигне информираноста на граѓаните за нивните права, обврски и можности од областа на пензиското осогурување.
Оваа активност ќе продолжи и во наредниот период и тоа во следните градови: Штип, Гостивар, Струга, Куманово, Велес, Охрид, Битола, Прилеп и други градови.
-Исто така, сакам да најавам дека преку донесените измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување Фондот на ПИОМ од следната година има обврска да доставува податоци за стаж на осигурување и плати за секој осигуреник, рече Спасов
За почеток овие податоци ќе се доставуваат по електронски пат преку работодавачот кој е и обврзник за доставување на податоци кои се водат во матичната евиденција на Фондот. Од јуни 2015 година Фондот ќе има законска обврска да овозможи електронски пристап (online пристап) во увидот на податоците за стаж и плати, на ист начин како што на пример во моментов се врши проверка на трансакциската сметка во банка. Во целиот процес ќе се применуваат прописите со коишто се уредува заштитата на личните податоци.
Со постојаната информираност на осигурениците за податоците за стаж и плати ќе се овозможи навремено корегирање на евентуалните нецелосни или погрешни податоци коишто ги води Фондот на ПИОМ, а во иднина дополнително ќе се зголеми и ефикасноста во донесувањето на решенија за правата од пензиското и инвалидското осигурување бидејќи податоците за стаж и плати ќе бидат целосни и точни.
Осигуреникот ќе има увид во неговите плати и стаж на осигурување, особено во делот дали е пријавен со полно работно време или помалку од полното работно време и дали му се плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување на најниска основица или на реално исплатена плата.
-Преку овој проект се овозможува навремено информирање на осигурениците за состојбата со стажот и платите врз основа на коишто ќе ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување, како и ефективно учество на институциите во комплетирањето на тие податоци. На овој начин покажуваме дека јавната администрација е сервис на граѓаните во обезбедувањето на социјалната сигурност, рече Спасов.