Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Соопштение за остварена работна средба и потпишување на меморандум за соработка

МАПАС оствари работна средба во Скопје со институциите за регулатива и супервизија на пензиското осигурување од Турција и потпиша Меморандум за соработка со Телото за регулатива и супервизија на осигурувањето и пензиското осигурување од Турција

Во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел – Подобрување на капацитетот во насока на зајакнување на својата супервизорска и регулаторна улога во капитално финансираното пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, на 16 и 17 март 2023 година беше домаќин на претставници на Центарот за пензиски мониторинг и Телото за регулатива и супервизија на осигурувањето и пензиското осигурување од Република Турција.

 

Целта на посетата беше продолжување на воспоставената соработка со Центарот за пензиски мониторинг од 2009 година и отпочнување на соработката со Телото за регулатива и супервизија на осигурувањето и пензиското осигурување со потпишување на Меморандум за соработка. Меморандумот за соработка беше потпишан од страна на претседателот на Советот на Експерти на МАПАС, Максуд Али и заменик претседателот на Управниот одбор на Телото за регулатива и супервизија на осигурувањето и пензиското осигурување Давут Ментеш.

 

Согласно Меморандумот за соработка,  договорните страни ќе разменуваат искуства стекнати во полето на капитално финансираното пензиско осигурување, работењето на пензиските фондови, механизмите на супервизија на пензиските фондови и усвоената регулатива. Техничката соработка ќе се состои од размена на документи, билатерална помош со цел размена на искуства од заеднички  интерес, како и соработка во полето на едукација, истражување, обуки и развој од заеднички интерес.

На потпишувањето на меморандумот претходеше дводневна работна средба на којашто претставниците од сите институции разменуваа искуства, практики и дискутираа на актуелни теми во приватниот пензиски сектор – дигитализацијата во приватниот пензиски сектор и кибер безбедност, дигитализација во процесот на супервизијата и статистичкото известување, финансиска едукација и стимулации за зголемување на учеството на граѓаните во доброволно пензиско осигурување.

Во следните години МАПАС ќе продолжи да ја унапредува воспоставената пракса на соработка заради одржување на успешна комуникација со другите супервизорски тела и релевантни органи и институции со цел тоа да придонесе кон одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување и унапредување на супервизијата на капитално финансираното пензиско осигурување.

 

Skip to content