Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС спроведе истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови, во текот на месец мај и јуни 2024 година, како дел од предвидените активности кон стратегиската цел – Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста. Истражувањето за потребите на МАПАС го изврши Друштвото за маркетинг и консалтинг МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ Скопје.
Вкупната оцена на информираноста и познавањето на членовите на задолжителните пензиски фондови во 2024 година изнесува 3,22 (на скала од 1 до 5). Генералното познавање на членовите на задолжителните пензиски фондови се оценува врз основа на структуриран прашалник за оцена на нивната лична информираност и запознаеноста со вториот столб, оцена на нивната лична информираност и запознаеноста со улогата на пензиските друштва и пензиските фондови и на задоволството од работата/услугите на пензиските друштва, оцена на познавањето на правата и обврските од членувањето во задолжителните пензиски фондови и оцена на разбирањето на податоците од извештаите за пензиска заштеда.
Осигурениците кои се членови на задолжителните пензиски фондови имаат лична улога преку носење на одлуки односно имаат право и слобода на избор, во сите фази на пензиското штедење – зачленување, акумулирање и исплата, што особено ја потенцира важноста лицата да носат едуцирани одлуки. Потоа, новото окружување диктира и забрзан развој на технологијата која брзо го трансформира начинот на којшто функционира финансискиот сектор, вклучувајќи го и пензискиот сектор што ќе овозможи поедноставен пристап до капитално финасираното пензиско осигурување од една страна но и зголемена потреба за едукација од друга страна.
Затоа, МАПАС, во рамките на своите надлежности за развивање на свеста на јавноста за целите и принципите на капитално финансираното пензиско осигурување и правата на членовите на пензиските фондови, ќе продолжи да спроведува активности за информирање и едукација на членовите и јавноста.
Извештајот од спроведено истражување за информираноста на членовите во задолжителните пензиски фондови во 2024 година е на следниот линк: Istrazuvanje_na_javno_mislenje_2024.