Скопје, 14 април 2025 година – Во рамки на Глобална недела на парите, во просториите на Netaville се одржа панел-дискусија на тема “Како познавањето на финансиите ја обликува твојата иднина?”, на која учествуваа истакнати личности од финансискиот и академскиот сектор.
Настанот беше организиран со цел да се поттикне финансиската писменост кај младите и да се нагласи значењето на навременото и правилно управување со личните финансии. Панелистите дискутираа за предизвиците и можностите поврзани со финансиското образование, особено во контекст на современите економски текови и дигитализацијата на финансиските услуги.
На панелот земаа учество:
- Д-р Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народна банка на РСМ, која зборуваше за улогата на централната банка во унапредување на финансиската стабилност и важноста на финансиската едукација.
- Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС, кој зборуваше за пензиската писменост и долгорочното планирање на финансиската сигурност.
- Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, која нагласи како финансиската едукација влијае на свесноста за осигурителната заштита.
- Проф. д-р Кирил Јовановски од Економскиот факултет – Скопје, кој даде академски осврт врз значењето на вклучување на финансиската едукација во формалното образование.
- М-р Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, која се осврна на владините политики за зголемување на финансиската писменост и достапноста на финансиските услуги.
Настанот се одржа во периодот од 18:00 до 19:30 часот и предизвика голем интерес кај студентите, младите професионалци и сите кои се заинтересирани за унапредување на личните финансии и разбирање на економските процеси.
Со овој панел, организаторите уште еднаш ја потенцираа потребата од континуирано вложување во финансиска едукација, како клучна алатка за градење на одговорни и свесни граѓани.