Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС одржа едукативно предавање за вработените во Општина Тетово по повод Денови на финансиска писменост

 

По повод Денови на финансиска писменост, МАПАС одржа едукативно предавање за вработените во Општина Тетово, со цел да се подигне свеста за значењето на финансиската едукација и да се обезбеди подобро разбирање на пензискиот систем. Настанот беше реализиран во партнерство со општината, како дел од заедничките заложби за унапредување на финансиските знаења на локално ниво.

Учесниците имаа можност да се запознаат со структурата и функционирањето на сите три столба на капитално финансираното пензиско осигурување, начинот на пресметка на придонесите, индивидуалните сметки и дигиталните алатки што овозможуваат транспарентен увид во сопствените пензиски средства. Содржината беше презентирана на практичен и разбирлив начин, со фокус на донесување информирани одлуки за долгорочната финансиска сигурност.

На настанот се обрати претседателот на Советот на експерти на МАПАС, г. Ремзи Бајрами, кој порача:

„Ми претставува искрено задоволство што денес сме во Тетово и што, во соработка со општината, продолжуваме со активностите за унапредување на финансиската писменост. Нашата цел е едноставна – да ги доближиме институциите до граѓаните и да обезбедиме секој вработен да има јасна и точна информација за својата пензиска сигурност. МАПАС, како регулатор, ќе продолжи да работи транспарентно, активно и во партнерство со локалните власти за да ја унапредиме финансиската писменост и да ја зголемиме довербата во пензискиот систем.“

Предавањето беше проследено со интерактивна дискусија, при што учесниците поставуваа прашања и бараа дополнителни појаснувања, што придонесе за подлабоко разбирање на пензискиот систем и неговите придобивки.

Со овој настан, МАПАС уште еднаш го потврди значењето на Денови на финансиска писменост како потсетник дека навремена и точна информација е основа за одговорно и стабилно финансиско планирање.

Skip to content