Во просториите на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС и Економскиот факултет – Скопје.
Меморандумот претставува значаен чекор кон унапредување на институционалната соработка меѓу регулаторната институција и академската заедница, со цел развој на знаењата, истражувањата и практичната едукација во областа на пензиското осигурување, финансиските пазари и долгорочната финансиска стабилност.
На свеченото потпишување присуствуваа претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Мијалче Санта, членот на Советот на експерти на МАПАС, Пранвера Сума, главниот советник на претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Марија Поповска, проф. д-р. Елена Наумовска и проф. д-р. Владимир Филиповски.
Со потпишувањето на Меморандумот се воспоставува рамка за соработка во повеќе области, меѓу кои: заедничка реализација на научно-истражувачки и стручни проекти, организирање на конференции, работилници и обуки, размена на експертиза и искуства, како и поддршка на студентите преку практична настава, стручна пракса и унапредување на наставните програми во согласност со современите предизвици на финансискиот сектор.
Претставниците на двете институции истакнаа дека оваа соработка ќе придонесе за јакнење на врската меѓу теоријата и практиката, како и за создавање квалитетен кадар со високо ниво на стручност и разбирање на пензискиот систем и капитално финансираното пензиско осигурување.
МАПАС останува посветена на унапредување на транспарентноста, едукацијата и развојот на стручниот потенцијал, додека Економскиот факултет ја потврдува својата улога како водечка образовна и научна институција во областа на економијата и финансиските науки.

(02) 3224 229
contact@mapas.mk