Учењето преку работа започна во МАПАС
Во МАПАС се одржа првиот час со учениците од четврта година од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, вклучени во Програмата „Учење преку работа кај работодавач“.
Учениците ги поздравија претседателот на Советот на МАПАС, Ремзи Бајрами, и членот на Советот, Пранвера Ајази, кои им посакаа успешна и продуктивна практична настава и ги охрабрија да ја искористат можноста за стекнување нови знаења, искуства и вештини преку непосредно запознавање со работата на институцијата.
На првата средба, менторот Марија Поповска им посака добредојде на учениците и ѝ се заблагодари на професорката Емануела Есмерова за можноста МАПАС да биде дел од оваа иницијатива, како значаен начин за намалување на јазот помеѓу образовниот процес и идното вклучување на младите на пазарот на трудот.
Програмата истовремено претставува можност учениците непосредно да се запознаат со функционирањето на една финансиска институција и да стекнат знаења и вештини што ќе им бидат корисни, без разлика дали по завршувањето на средното образование ќе се вклучат на пазарот на трудот или ќе го продолжат своето образование.
Во текот на програмата, покрај стекнувањето финансиски знаења, посебно внимание ќе биде посветено на развивањето на професионални, комуникациски и животни вештини, меѓу кои:
- комуникација и деловна култура;
• бизнис етика и професионален кодекс;
• јавно говорење и аргументирано искажување на сопствените ставови;
• групна и тимска работа;
• презентирање на идеи и резултати;
• анализа, дискусија и донесување заклучоци.
На првиот час учениците се запознаа со МАПАС како институција, работната средина и нивниот ментор, а добија и првичен вовед во пензискиот систем и капитално финансираното пензиско осигурување, како теми на кои ќе работат во претстојниот период.
Учениците се запознаа и со веб-страницата и социјалните мрежи на МАПАС, кои во наредниот период ќе ги разгледуваат и анализираат, учејќи како сложените финансиски и пензиски теми можат да се доближат до јавноста на јасен, едноставен и разбирлив начин.
„Веруваме дека знаењето стекнато во училишните клупи добива дополнителна вредност кога младите ќе добијат можност да го поврзат со практиката и со реалната работна средина“.
Токму затоа, преку оваа програма, МАПАС сака да придонесе младите да стекнат не само повеќе знаење, туку и да научат да комуницираат, да соработуваат, критички да размислуваат, да ги презентираат и аргументираат своите ставови и да носат информирани животни и финансиски одлуки.
Учењето преку работа е подготовка за професијата, но истовремено и учење за животот.
(02) 3224 229
contact@mapas.mk