На крајот на септември 2018 година, во Хаг, Холандија, се одржа првиот состанок со кој официјално започна петгодишниот проект за финансиска едукација (2018-2022 година) со поддршка на Министерството за финансии на Холандија и Меѓународната мрежа за финансиска едукација при ОЕЦД (ИНФЕ-ОЕЦД). На состанокот присуствуваа претставници од Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација на Република Македонија. Координациското тело, вклучувајќи ги петте институции: Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, ќе биде носител на проектот и ќе ги спроведува идните активности, а воедно и ќе воспостави соработка со други релевантни институции и организации во Република Македонија заради успешна реализација на севкупниот проект.
Во овој проектот се вклучени земјите коишто имаат интерес да ја подигнат свеста за финансиска писменост на своето население или веќе преземаат чекори во оваа насока, а тоа се: Македонија, Романија, Молдавија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија и Грузија.
Во текот на 2019 година, мисијата на Министерството за финансии на Холандија и ИНФЕ-ОЕЦД ќе оствари средба во Македонија за одредување на конкретните активности за развивање на стратешки документи за подигање на нивото на финансиската писменост во земјата. Проектот има за цел да даде поддршка во следниве области:
- Процена на сегашното ниво на финансиска писменост на населението и идентификување на приоритетите и целните групи;
- Создавање, имплементација и евалуација на Национална стратегија за финансиска едукација;
- Развивање и спроведување на различни активности за промовирање на финансиската писменост.
Проектот ќе се одвива во повеќе фази, и тоа: истражување, планирање, развој, имплементација, реализација и евалуација. Во рамки на проектот ќе бидат преземени повеќе видови на иницијативи, а воедно достапна ќе биде техничка помош при повеќе активности, вклучително за прибирање и анализа на податоци за нивото на финансиската писменост во одделните земји, како и за развој и спроведување на националните стратегии и иницијативи за финансиска едукација во земјите, засновани пред сé врз принципите и политиките на ИНФЕ-ОЕЦД. Клучна за земјите ќе биде меѓусебната размена на знаења за постојните иницијативи во финансиската едукација, како и размената на знаења за специфичните потреби и целни групи на земјите учеснички, врз основа на претходно спроведените истражувања.
За време на состаноците на мисијата, ќе се изработат извештаи за мапирање на тековните иницијативи за финансиска едукација кај земјите, а по завршувањето на мисијата ќе се изработат извештаи со заклучоци и препораки за развој на национална стратегија, приспособени на потребите на секоја земја учесничка. Крајната цел на проектот е имплементација на ефикасна и издржана Национална стратегија за финансиска едукација којашто ќе биде насочена кон создавање подобри проекти за финансиско образование, поголема вклученост на релевантните институции во активностите на финансиската едукација и со тоа повисоко ниво на финансиска писменост.