Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), како регулаторно тело и супервизор на пензиските друштва, пензиски фондови и чуварите на имот, е основана да ги штити интересите на членовите на пензиските фондови по нивниот влез во вториот столб.
Фондот на ПИОМ времено ги распределува осигурениците во задолжителните пензиски фондови од денот на нивното пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Осигурениците имаат право да потпишат договор за членство во рок од три месеци од времената распределба, а по истекот на тој рок во секој случај стануваат членови на задолжителниот пензиски фонд во кој биле распределени. МАПАС спроведува активности поврзани со членството по добивање на информација за членовите во вториот столб.
Согласно горенаведеното, МАПАС ја известува пошироката јавност дека потполно ја поддржува иницијативата на Министерството за труд и социјална политика и во рамките на своите надлежности ќе соработува со надлежните институции заради заштита на интересите на членовите на пензиските фондови.
Исто така, МАПАС ја известува јавноста дека ќе ги информира членовите за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата кои ќе бидат пренесени на нивните индивидуални сметки, вклучувајќи и надоместок за ненавремена распределба.