Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски информираше за ефектите од продажбата на македонските државни обврзници издадени на странски пазар од пензиските друштва.
“Предвремената продажба на евро обврзницата не доведе до намалување на вредноста на портфолијата на двата пензиски фонда. Напротив, евидентен е дополнителен принос на индивидуалните сметки на членовите на вториот пензиски фонд, односно членовите ќе имаат повеќе средства на личните индивидуални сметки”, истакна министерот Ристовски.
Двете пензиски друштва, како што посочи, ефикасно ја прилагодија својата инвестициска политика на соодветните промени и дадоа солидни резултати во приносите при тргување со евро обврзницата.
“Од остварените резултати од продажбата евидентно е дека двата пензиски фонда оствариле капитална добивка од околу 10 милиони евра. Пензиските друштва ќе можат да вложуваат во државни обврзници издадени во Македонија, но не и во еврообврзници кои Република Македонија ги издава на меѓународниот пазар на капитал”,потенцираше Ристовски.
Toj потсети дека со измените и дополнувањата на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување коишто стапија на сила од 8 август годинава, во делот на инвестирањето во државни хартии од вредност издадени од Република Македонија, се прецизира дека средствата на пензиските друштва можат да се инвестираат во државни хартии од вредност издадени на домашниот пазар.
“Пензиските фондови во своето портфолио ги поседуваа двете македонски евро обврзници издадени на странски пазар. Едната македонската обврзница достасува на 8 јануари 2013 и за неа нема потреба од предвремена продажба. Втората македонска обврзница достасува во декември 2015 година и поради тоа постојните портфолија на пензиските фондови мораа да се усогласат заклучно со 15 јануари 2013 година”, информираше министерот Ристовски.
Двата пензиски фонда во текот на 2012 година ја реализираа продажбата на оваа македонска обврзница и тоа пред време, односно НЛБ Нов пензиски фонд ја реализираше продажбата заклучно со 6 август 2012, а КБ Прво пензиско друштво заклучно со 12 септември годинава.
“Од приложените резултати од тргувањето со овој финансиски инструмент е видно дека пред сe се обезбедува заштитата на осигурениците, односно членовите на пензиските друштва и нивните средства наменети за пензионерските денови”, истакна министерот.
Резултатите од досегашниот период на функционирање на вториот пензиски столб покажуваат успех и раст на фондовите и во смисла на број на членови и во смисла на средства со коишто управуваат.
“Имено, задолжителните фондови имаат повеќе од 312.000 илјади членови и средства во висина од околу 19 милијарди денари, или околу 310 милиони евра,што претставува околу 3.35 отсто од БДП. Сето ова укажува дека реформите во пензискиот систем, не само што продолжуваат, туку се воведуваат и измени во насока на унапредување на системот”, рече министерот Ристовски.
Имајќи во предвид дека пензискиот систем за секоја земја и во светски рамки постојано е актуелна тема, Владата на Република Македонија континуирано работи со единствена цел-обезбедување на стабилен пензиски систем и материјална сигурност на граѓаните.