Денес 11.05.2017 во Градскиот парк – Скопје, (Школка) со почеток од 11 часот се одржа настанот „Ден на финансиска едукација“ во која зема активно учество Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување преку Координациското тело на регулаторни институции за финансиска едукација во Република Македонија, во која покрај нашата Агенцијата, членуваат и Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Комисијата за хартии од вредност.
Настанот се одржа за прв пат во земјава и опфати учество на финансиските институции (банки, приватни пензиски друштва, штедилници, инвестициски друштва, инвестициско-брокерски друштва, осигурителни компании и осигурително-брокерски друштва) преку споделување и презентирање на нивните финансиски едукативни материјали пред присутните. Секоја институција имаше свои штандови во Градскиот парк на кои што можеа да ги претстават сите активности, т.е. едукативни материјали со коишто располагаат финансиските институции.
Свои едукативни простори имаа сите финансиски регулатори меѓу кои и нашата Агенција, а штандови со финансиски едукативни и рекламни материјали пред присутните споделија и двете пензиски друштва, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.
Согласно агендата на настанот свое обраќање до присутните имаше Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата, д-р Булент Дервиши кои ги запозна присутните со заштедите од задолжително и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Инаку на настанот беа поканети и присуствуваа млади од основните и средните училишта, како и студентите од Економскиот факултет во Скопје и Центарот за претприемачко учење. На настанот присуствуваа и медиумите од земјата кои исто така придонесуваат за финансиска едукација на младите и јавноста.
Сметаме дека со овој настан ќе се придонесе кон општата свест за тоа колку е потребна финансиската едукација и кои се придобивките од таквото знаење. Со оглед на позитивните впечатоци од денешниот настан, се надеваме дека овој Ден ќе стане традиционален и во иднина ќе се негува и ќе наиде на се поголем одзив од финансиските институции, но и од јавноста.