Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на прес конференција ја презентираше состојбата во вториот и третиот пензиски столб, односно досегашните ефекти од пензиската реформа, притоа истакнувајќи дека целта на пензиската реформа е обезбедување стабилен пензиски систем и материјална сигурност на граѓаните во старост.
“Со реформата на пензискиот систем беше воспоставен тристолбен пензиски систем со цел диверсификација на ризиците и обезбедување пензија од повеќе извори, кои функционираат на различни начини и принципи на финансирање и обезбедување пензии”, рече министерот Ристовски.
Освен првиот столб кој функционира на генерациска солидарност, со реформата се воведе и капитално финансирано пензиско осигурување, односно втор и трет столб.
“Ова значи акумулирање и инвестирање на средствата во пензиските фондови и на лична сметка на нивните членови, како и поактивно учество и индивидуален избор на граѓаните во обезбедување на пензиска иднина”, појасни министерот Ристовски.