05.12.2014
Соопштение за јавноста
Во организација на Асоцијацијата на друштва за управување со приватни пензиски фондови, на 02.12.2014 година беше организирана третата Тркалезна маса, оваа година на тема: „Информираност на членовите на приватните пензиски фондови и едукација на јавноста за реформираниот пензиски систем“.
На Тркалезната маса учество зедоа претставници на Министерството за труд и социјална политика, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС и претставници на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.
Низ плодна и конструктивна дискусија беше направен остврт на три точки што се директно поврзани со транспарентноста на пензиските друштва, степенот на информираност на членовите на приватните пензиски фондови, но и јавноста за реформираниот пензиски систем.>>>
Од расправата произлегоа следните заклучоци:
1.Една од најважните карактеристики и придобивки на системот на капитално финансирано пензиско осигурување е обезбедувањето на високо ниво на транспарентност кон членството. Обврските за известување и информирање се прецизно дефинирани со регулативата и се одвиваат во високо регулирана и контролирана околина. Во тој контекст, може да се заклучи дека поставеноста на системот е јасно фокусирана кон заштита на интересите на членството и утврдување на прецизна рамка во која може да се одвиваат активностите на друштвата во областа на информирањето и маркетингот;
2.Искуствата од изминатите години кажуваат дека друштвата во континуитет ги надградуваат системите за достап и информирање на своето членство. Покрај законските обврски за информирање имаат и маркетинг материјали, повремени маркетинг кампањи, присутни се во јавноста со коментари или интервјуа на актуелни теми и слично. Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС оваа година започна со маркетинг кампања односно со реализација на медија планот преку поставување на билборд во централното градско подрачје на Скопје, со емитување на радио реклама на две радио станици и со емитување на видео рекламен спот на национална телевизија. Исто така, МАПАС активно се рекламира и на Facebook страната се со цел да се доближи до младата популација;
3.Постои општа согласност дека живееме во дигитална ера во која сите информации најбрзо и најлесно ги пронаоѓаме во интернет просторот. Во тој контекст, најлесно е да ги погледнеме интернет страниците на пензиските друштва каде можеме да ги најдеме речиси сите информации – за целиот реформиран пензиски систем, за конкретното друштво, за конкретен пензиски фонд и секако, информации за пензиските заштеди односно промените на одделните индивидуални сметки. Ако на ова ја додадеме и интернет страната на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, во интернет просторот ги имаме сите информации за системот;
4.И покрај високото ниво на покриеност на областа преку различни информативни канали, сепак анкетите и истражувањата покажуваат дека постои несоодветно ниво на разбирање на системот односно недоволно разбирање на значењето на членството во капитално финансираните пензиски фондови – поконкретно во вториот столб од страна на поединците.
Од тука се поставува прашањето, дали воопшто можеме да зборуваме за информирање, а при тоа да го занемариме нивото на едуцираност за пензискиот систем, општата финансиска едуцираност и уште поважно културата на планирање на финансиите во текот на животниот период;
5.Најголем број од членовите во вториот столб се на возраст од 25-34 години што значи долг хоризонт до пензионирање. Над 93% од членовите во задолжителните фондови се на возраст до 45 години што сеуште значи долг хоризонт до пензионирање. Станува збор, во голем дел, за млада популација, која ги користи можностите за информирање преку интернет, но исто така мисли дека има време и размислува за други навидум поважни или поинтересни работи. Значи систем на информирање постои, постојат разновидни канали, но како да се пробуди интересот;
6.Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС го дели мислењето дека постојат препреки во запознаеноста и информирaњето на членовите на приватните пензиски фондови, односно дека младите не се запознаени но и не се заинтересирани да се запознаат со реформираниот пензиски систем и приватните пензиски фондови и друштва како негов дел. Имајќи ја во прв план транспарентоста на системот на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата е активно вклучена во проектите за финансиска едукација, самостојно или пак како партнер и поддржувач на овие активности. Во тој контекст, Агенцијата изврши измени на подзаконската регулатива воведувајќи го т.н. „Зелен плик“ во кој од Јануари 2014 година пензиските друштва се обврзани да ги доставуваат извештаите за пензиска заштеда до секој член и ја поедностави содржината и изгледот на самите извештаи. Од 2013 година е активен учесник во кампањата за финансиска едукација предводена од Министерството за труд и социјална политика, а во која учестуваат и пензиските друштва, учествува во кампањата „Ден за Вас“ во која учествуваат Министерството за труд и социјална политика, Фондот на ПИОМ и МАПАС, спроведува самостојна кампања насочена кон членството и е дел од Координативното тело за финансиска едукација во Македонија;
7.Пензиските друштва се активно вклучени во заедничката кампања за финансиска едукација предводена од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата МАПАС која во текот на 2013 година беше насочена кон одржување на презентации во средните училишта во државата, а во 2014 година фокусот е ставен на високообразовните институции. Воедно спроведуваат и индивидуални активности во овој правец.
Врз основа на анкети и анализите од страна на пензиските друштва од аспект на приемот на доставените годишни извештаи за пензиска заштеда како и ефектот од нивното поедноставување, забележан е респектабилен напредок во разбирањето на самите извештаи. Пензиските друштва се согласни дека постои простор за подобрување и побараа дополнителни промени на подзаконската регулатива во правец на прилагодување на извештаите за пензиска заштеда со цел зголемување на посетеноста на интернет страните на друштвата;
8.Постои јасна волја и согласност на Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за поддршка на активностите што ќе значат подобрување на информираноста на членовите и јавноста за реформираниот пензиски систем како и унапредување на соработката во правец на целокупно подобрување на системот.
На крајот, сите учесници на тркалезната маса се согласија дека финансиската писменост на јавноста неможе да се постигне преку ноќ туку тоа е долгорочен процес на едукација на повеќе нивоа. Воедно ја истакнаа потребата од одржување на ваков вид настани како и нивно проширување од аспект на учесниците, на кои низ отворен дијалог и аргументирана размена на мислења, ќе се отвораат актуелни теми и со критичен и иновативен пристап ќе се предлагаат решенија за унапредување на системот.
Обраќање на Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, д-р Булент Дервиши