Неколку стотини граѓани во саботата ги посетија информативните штандови поставени на плоштадот Македонија на кои добија информации поврзани со пензискиот систем, начинот на кој функционира овој систем, како и за нивните права како пензиски осигуреници. Овој информативен ден беше дел од настанот за одбележување на Денот за пензиска свесност што го организираше Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) во соработка со трите пензиски друштва КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје.
Посетителите на настанот најмногу се интересираа за членството во вториот задолжителен пензиски столб, односно дали ги исполнуваат условите да бидат членови и во првиот и во вториот столб. Голем дел од нив се интересираа за процедурата за избор на пензиско друштво, како и за начинот и условите потребни за премин од едно пензиско друштво во друго. Освен што ги добија потребните информации, граѓаните имаа можност да го проверат своето знаење за пензискиот систем на наградниот квиз организиран од МАПАС, при што најинформираните освоија интересни награди. Додека траеше настанот, посетителите се забавуваа на музиката на популарниот бенд „Деј оф“.
Денот за пензиска свесност се одбележува на глобално ниво. Неговото одбележување има за цел да ја подигне свеста на граѓаните за значењето на финансиската писменост и да ја зголеми нивната информираност околу пензискиот систем и законските регулативи од оваа област.