Скопје, 15.09.2021 – Во рамки на својата мисија да ги заштити интересите на членовите на пензиските фондови и да го поттикне развојот на капитално финансираното пензиско осигурување заради посигурни пензионерски денови, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС го одбележува Денот за пензиска свесност – 15 септември со низа активности чија цел е подигнување на јавната свест за пензискиот систем. МАПАС во своите едукативни активности потенцира дека особено е важно младите навремено да се информираат за правата, обврските и придобивките на членовите на задолжителните и доброволните пензиски фондови, веднаш по започнувањето на работниот однос.
Годинава, за да ја подигне свеста кај граѓаните, особено кај младите, МАПАС денес во 18.00 часот, на својата фејсбук страница организира квиз на знаења, а најуспешниот натпреварувач, оваа недела ќе биде награден со таблет. Квизот ќе се одржува еднаш неделно во текот на три недели и тоа во живо, при што е неопходно учесниците да се вклучат навреме.
МАПАС организираше и ликовен конкурс за деца на возраст од 6-11 години на кој учесниците испраќаа свои цртежи. Најдобрите цртежи ќе бидат подарени во Домови за стари лица, за да го разубават нивниот секојдневен живот, а дечињата автори на најдобрите цртежи ќе добијат подароци – училиштен прибор.
„Секој човек има право на удобни пензионерски денови и квалитетен живот, а за тоа е важна пензијата. Затоа постојано работиме на подигнување на свеста кај младите, за повеќе да се информираат и да ги користат можностите на пензискиот систем. Едукацијата и информирањето на јавноста е долготраен и континуиран процес. Целта е подигнување на свеста кај населението за придобивките и карактеристиките на тростролбниот систем како важен дел од социјалното осигурување. Нашата постојана посветеност за пензиска едукација на населението дава позитивен резултат, а ние и во иднина ќе продолжиме со едукативните активности.“, – истакна Максуд Али, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС на Денот на пензиска свесност.
„Информирај се навреме за својата пензиска заштеда“ е пораката која МАПАС во континуитет ја испраќа до граѓаните. МАПАС како супервизор и регулатор континуирано работи на градење доверба во капитално финансираните пензиски фондови, и придонесува за долгорочна стабилност на пензискиот систем.
Капитално финансираното пензиско осигурување брои вкупно шест пензиски фондови, три задолжителни и три доброволни. Во рамките на финансискиот систем, капитално финансираното пензиско осигурување е вториот сегмент според големината, веднаш по банкарскиот сектор во земјава и има значајна улога за финансиската стабилност на земјата.
Повеќе информации за задолжителните и доброволните пензиски фондови, за регулативата и нејзините промени, како и за правата и обврските на членовите се достапни на интернет страницата www.penzija.mk