Трендот на намалување на надоместоците во задолжителното капитално финансираното пензиско осигурување продолжува и во 2012 година. Двете пензиски друштва кои управуваат со задолжителни пензиски фондови го намалија надоместокот од придонесите од 4,5% на 4% согласно максималниот лимит определен со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, каде е предвидено постепено намалување на висината на овој вид надоместок. Со тоа продолжува трендот на намалување на трошоците за овој вид осигурување, кој постоеше и во минатите години. Имајќи предвид дека овој надоместок се наплатува од уплатените придонеси на секој член, ова намалување има директно позитивно влијание врз висината на средствата на индивидуалните сметки на членовите, а со тоа и на нивните идни пензии.
Едновремено, известуваме за остварениот принос на задолжителните пензиски фондови во периодот од 31.12.2008 до 31.12.2011 година, сведен на годишно ниво. Отворениот задолжителен пензиски фонд – НЛБ пензиски фонд – Скопје оствари принос во висина 8,80%, додека КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје оствари принос во висина 6,86%. Секако, треба да се има предвид дека приносот на индивидуалната сметка е променлив и зависи од приносот на задолжителниот пензиски фонд и од надоместоците наплатени од друштвото.
Остварениот принос на доброволните пензиски фондови во периодот од 31.12.2009 до 31.12.2011 година, сведен на годишно ниво е следниот: Отворен доброволен пензиски фонд “НЛБ Пензија плус”-Скопје оствари принос во висина 4,18%, додека КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје оствари принос во висина 6,02%. Приносот на доброволната индивидуална сметка и/или професионалната сметка е променлив и зависи од приносот на доброволниот пензиски фонд и од надоместоците наплатени од друштвото.