Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Пензиските пазари во фокус 2025

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) го објави најновиот број на изданието Пензиските пазари во фокус 2025.

Изданието на Пензиските пазари во фокус 2025 обезбедува детални и споредливи статистички податоци за пензиските системи базирани на средства ширум светот заклучно со 2024 година. Ова издание ги истражува случувањата во 2024 година особено двигателите на растот на пензиските средства акумулирани на крајот на 2024 година. Податоците што се користат за подготовка на овој извештај се обезбедени од регулаторите од земјите во рамките на проектот на ОЕЦД за Глобална статистика за пензии.

По намалувањето во 2022 година, пензиските средства се зголемија во 2023 и продолжија да растат во 2024 година, со просечно зголемување од 7,1% во земјите коишто се членки на ОЕЦД. На крајот од 2024 година пензиските средства достигнаа рекордно ниво од 69,8 билиони УСД во земјите членки на ОЕЦД и 2,9 билиони УСД во земјите надвор од ОЕЦД.

Нa зголемувањето на вредноста на средствата на пензиските фондови најмногу влијае позитивната номинална стапка на принос. Стапките на приноси на пензиските фондови генерално беа над долгорочниот годишен просек. Просечната номинална стапка на принос изнесуваше 9,1% во земјите коишто се членки на ОЕЦД и 11,7% во земјите коишто не се членки на ОЕЦД. Најдобри инвестициски резултати имаа пензиските фондови чиишто средства беа инвестирани најмногу во акции заради поволните движења на пазарите на капитал. Во однос на претходната година пензиските фондови имаа поголемо учество во акции заради зголемената вредност на акциите како и заради активното згoлeмување на учеството на вложувањата во акции.

Зголемувањето на средствата беше поддржано и од уплатите на придонесите коишто продолжија да се зголемуваат во 2024 година, а исто така се зголемија и износите на исплатите на пензии, како резултат на постепеното созревање на пензиските системи и зголемувањето на бројот на членови кои остваруваат право на пензија.

Номиналните стапки на принос ги надминаа стапките на инфлација во повеќето земји коишто се разгледувани. Приносите на пензиските фондови во просек беа позитивни во реални услови, пришто земјите коишто не се членки на ОЕЦД се соочија со повисока инфлација, што во просек резултираше со пониски реални стапки на принос во однос на земјите коишто се членки на ОЕЦД

Изданието на Пензиските пазари во фокус 2025 е на следната врска: Пензиските пазари во фокус 2025

Skip to content