Mинистерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски на прес конференција го презентираше Предлог законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување кој опфаќа регулирање на исплатите на пензии од вториот и пензиски надоместоци од третиот пензиски столб, на институциите кои ќе бидат вклучени во исплатата на пензиите, односно пензиските надоместоци и постапката на исплата. Предлог-законот, е заснован на истите принципи на кои се базираат вториот и третиот пензиски столб, односно обезбедување пензија преку капитализација на средства на индивидуална сметка, транспарентност, можност за личен избор на вид на пензија и институција која ќе ја исплаќа пензијата, заштита на интересите на корисниците на пензија од двата столба.
,,Граѓаните сами ќе може да одлучат на кој начин ќе ги подигнат средствата, односно пензиските надоместоци. Дел од пензијата ќе се прима преку првиот столб, а дел преку вториот. За третиорт столб зависи дали и колку корисникот во извесен период претходно уплаќал на доброволна основа. Средствата од доброволниот пензиски фонд ќе може да ги искористи најрано 10 години пред пензионирањето,, рече министерот Спиро Ристовски.
Тој нагласи дека пред подготовка на предлог-законот биле направени анализи за развој на вториот и третиот пензиски столб, состојбите на пазарот на капитал и осигурителниот сектор, анализа за видовите на исплати на пензии за вториот, односно пензиски надоместоци од третиот столб, дозволените комбинации на видовите на исплати особено за вториот пензиски столб, институциите кои ќе ја вршат исплатата, транспарентноста на процесот на избор на вид на исплата, дефинирани процедури при исплата на разлика до најнискиот износ на пензија.
,,Со имплементацијата на законот ќе се овозможи социјална сигурност на граѓаните кои имаат индивидуални заштеди во вториот и третиот пензиски столб, а Владата на Република Македонија останува посветена на продолжување на реформите во системот на социјално осигурување со цел да се обезбеди стабилен и одржлив пензиски систем,, рече Ристовски.
Предлог-законот, според министерот, ги зема предвид специфичностите на вториот столб од аспект на неговата поврзаност со првиот столб, поради фактот што процесот на остварување на правото на старосна пензија треба да се гледа интегрирано, како право од задолжителниот пензиски систем.
,,Имајќи предвид дека се работи за задолжително пензиско осигурување видовите на исплати на пензија од вториот столб кои се дозволени се доживотни програмирани повлекувања, доживотен ануитет и комбинација од двете,,, појасни Ристовски.
Од аспект на институционална организација, тој најави дека се предлага пензиските друштва да обезбедуваат исплата на програмирани повлекувања како вид на исплата на пензии и пензиски надоместоци, а друштвата за осигурување да вршат исплата на ануитети како производи од осигурителниот пазар. Изборот на видот на исплата на пензија и друштво кое ќе ја исплаќа е одлука на членот на пензискиот фонд.
Ристовски посочи дека заради транспарентен пристап на идниот корисник на пензија од втор и трет столб до потенцијалните видови исплати на пензија и друштва кои ќе исплаќаат во предложениот закон е уредено основање на Центар за електронска котација.