Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Претседателот на Советот на експерти, Максуд Али присуствуваше на настанот по повод завршувањето на годинешното издание на настанот „Деновите на финансиската писменост“ (29-31 мај 2019 година)


По повод завршувањето на годинешното издание на настанот „Деновите на финансиската писменост“ (29-31 мај 2019 година), што се одржува трета година по ред во организација на финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот сектор и коешто според степенот на вклученост на граѓаните е најуспешно и најмасовно досега, се организираше заедничка средба во Народната банка на Република Северна Македонија.
Во дискусијата во врска со Деновите на финансиската писменост, на денешната средба, беше нагласено дека е значајно што годинава, оваа веќе традиционална манифестација се организира со концепт поразличен од претходните – концепт на отворени врати на регулаторните финансиски институции и на голем дел од приватниот финансиски сектор за сите заинтересирани граѓани. Според првичните согледувања, со таквиот концепт се создаде нова можност, во текот на деновите, граѓаните непосредно да добијат одговори на поголем број прашања поврзани со финансиите, како и повеќе важни информации коишто ќе им бидат од корист за носење правилни финансиски одлуки. Во дискусијата беше нагласено и дека од голема важност е што приватниот финансиски сектор секојдневно покажува сѐ поголема подготвеност сериозно да се заложи за финансиско едуцирање и поттикнување поголема финансиска вклученост на населението.
Во рамките на годинешните Денови на финансиската писменост, голем дел од приватните финансиски компании отворија информативни пултови во повеќе градови низ земјава, што обезбеди подобар опфат на популацијата со оваа акција.
Прашањата коишто изминативе денови беа упатени до регулаторните институции и до приватниот финансиски сектор ќе бидат од голема корист и за утврдување на некои од натамошните активности за непосредно едуцирање и информирање на популацијата, за да се одговори на сето она што е поврзано со финансиите, а е во фокусот на интересирањето на граѓаните.

На овој настан гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, ја искористи можноста да им го честита постигнатиот успех, освоеното второ место на овогодинешниот Европски квиз на парите и во име на Народната банка, им даде симболични подароци на двајцата ученици од велешката гимназија „Кочо Рацин“ и на нивниот ментор Марјан Стојановски. Притоа, меѓу другото, таа нагласи дека централната банка секогаш ќе се труди на различни начини да им даде максимална поддршка и поттик на младите луѓе коишто покажуваат интерес за продлабочување на своите знаења од областа на економијата и финансиите.
Кон честитките за Панова и Инѓилизов и нивниот ментор се придружија и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за капитално финансирано пензиско осигурување, Максуд Али и Зоран Колев од Комисијата за хартии од вредност, како и Коста Митровски и Тони Стојановски од Македонската банкарска асоцијација, којашто и го иницира учеството на земјава на Европскиот квиз на парите, со поддршка од Народната банка, Министерството за образование и наука и Комисијата за хартии од вредност. Притоа сите заеднички истакнаа дека вицешампионското место на европско ниво е голем успех за земјава. Ваквите млади луѓе се оние коишто во иднина ќе го дадат својот влог за благосостојбата на нашата економија и сите ние, релевантните институции, имаме обврска да ги поддржиме, порачаа тие.

Skip to content