Советот на експерти одржа електронска седница на 14.02.2019 година и донесе:
1. Правилник за измена и дополнување на Правилникот за индивидуални сметки:
Образложение
Со измената на Правилникот за индивидуални сметки се врши усогласување на овој правилник со измената на Законот за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување која се однесува на дополнување на евиденцијата за индивидуалните сметки со податоци за надоместок за ненавремено пренесување на придонес, надоместок за ненавремена распределба на осигуреник и податок за даночен број на работодавачот.
Поради потреба постојните друштва да го надградат софтверот за евиденцијата на индивидуални сметки со нов податок (даночен број на работодавач) се определува преоден период на усогласување до 01.04.2019 година.
2. Правилник за измена на Правилникот за начинот и постапката на маркетинг на пензиски фондови
Образложение
Со член 1 од измената се врши измена, по насока дадена од Министерството за труд и социјална политика, образецот број 7 да се достатува само до членови на задолжителниот пензиски фонд кои се избришани од Регистарот на членови, а кои во текот на осигурувањето се стекнале со својство на осигуреник согласно со членот 11 точки 9 и 15 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Со член 2 од измената се менува образецот број 7“ Извештај за пензиска заштеда на индивидуална сметка“ кој се доставува до членови на задолжителните пензиски фондови кои согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Службен весник на Република Македонија” број 245/2018) треба да се избришат од регистарот на членови. Со оглед на тоа што на овие членови им престанало членството во задолжителните пензиски фондови заклучно со 01.01.2019 година пензиските друштва треба да им ги достават извештаите, кои се задолжителни согласно закон, за период од последниот извештај до последниот датум на проценка заклучно со 31.12.2018 година.
3. Правилник за дополнување на Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови
Образложение
Со член 1 од Правилникот за дополнување на Правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови се уредува начинот на претварање на средствата во сметководствени единици по основ на пренос на средства од друг пензиски фонд и уплата на надоместок за ненавремено пренесување на придонеси или надоместок за ненавремена распределба на осигуреници.