Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

TAIEX експертска мисија – евалуација на економската отпорност на капитално финансираното пензиско осигурување

Во рамките на предвидените активности кон исполнување на стратегиската цел – Подобрување на капацитетот во насока на зајакнување на својата супервизорска и регулаторна улога во капитално финансираното пензиско осигурување во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) се реализираше проект – експертска мисија преку инструментот на Европската Унија (ЕУ) – TAIEX.

Овој проект претставува продолжување на претходната мисија со којашто МАПАС воспостави рамка за управување со ризици за финансиска стабилност и макропрудентна политика. Главната цел на оваа експертска мисија е да се имплементира техника за управување со ризици за да се процени потенцијалното влијание на неповолните настани или сценарија (макроекономски и финансиски шокови) врз финансиската состојба и отпорноста на капитално финансираното пензиско осигурување во Северна Македонија. Навременото и ефикасно идентификување на системските ризици и преземање на активности заради спречување и намалување на нивното влијание врз финансискиот систем се нови надлежности на МАПАС коишто произлегуваат од Законот за финансиска стабилност и од Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија.

Експертската мисија се реализираше во периодот од 27 до 31 октомври 2025 година од страна на експертите Ивана Херцег, Раководител на Секторот за системски ризици и заштита на потрошувачи и Марио Бамбуловиќ, Раководител на Одделението за системски ризици во Хрватската агенција за супервизија на финансиски услуги (ХАНФА). Експертската мисија ја следеа вкупно 11 учесници, вработени во МАПАС.

Во текот на експертската мисија, учесниците се запознаа со основните концепти и цели на тестирањето на отпорност во рамките на ЕУ и Европскиот одбор за системски ризици (ESRB), со методологијата и употребата на анализа на сензитивност и анализа на сценарија како и со утврдувањето на ризиците во капитално финансираното пензиско осигурување со дефинирани придонеси. Потоа, беа детално разработени целите и пристапите на стрес – тестирањето на пензиските фондови, начинот на идентификување на макроекономските и финасиските шокови и управувањето и супервизорските активности на МАПАС во контекст на финансиската стабилност. Исто така, беше презентирана примената на детерминистички и стохастички модели, како и практични студии на случај – симулации на пазарни шокови, анализа на резултати и интегрирање на резултатите во супервизорските процеси.

Експертската мисија беше наменетa за јакнење на капацитетите на МАПАС во областа на управување со ризици и тестирање на отпорноста на пензиските фондови, во согласност со европските стандарди и претставува значаен чекор во насока на унапредување процесите за следење на отпорноста на капитално финансираното пензиско осигурување, како и во понатамошното усогласување со европските стандарди во областа на финансиската стабилност и управувањето со ризици.




Skip to content