Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Усвоен Годишниот извештај на Комитетот за финансиската стабилност: И покрај предизвиците, стабилноста е задржана

Комитетот за финансиската стабилност, на седницата одржана на 6 март 2023 година, го усвои Годишниот извештај за работењето на Комитетот за 2022 година. Во Годишниот извештај се наведува дека финансискиот систем во земјава е стабилен, и покрај натамошните геополитички тензии од воената инвазија на Русија врз Украина, како и глобалните предизвици поврзани со енергетската криза и високите стапки инфлација. Сепак, во услови на зголемена неизвесност, уште повеќе е нагласена потребата за темелна процена на ризиците, соодветно управување со ризиците и натамошно градење капитал заради обезбедување поголем капацитет на финансиските институции за апсорпција на ризиците.

Во извештајот се посочува и дека Народната банка, во декември 2022 година, направи промена во макропрудентните мерки, односно ја зголеми стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиентите во домашната економија. Иако засега нема знаци за остварување на кредитниот ризик во билансите на банките, со зголемувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се делува превентивно, т.е. се придонесува за натамошно јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се зајакнува стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и севкупната финансиска стабилност.

Со стапувањето во сила на Законот за финансиска стабилност се воспостави законската рамка за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија. Комитетот за финансиската стабилност, пак, се утврдува како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во земјава и за координација на активностите при утврдувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем, при преземањето макропрудентни мерки и при подготовката и управувањето со финансиска криза. Со Законот за финансиска стабилност им се доделуваат експлицитни надлежности на регулаторите на финансискиот систем за преземање макропрудентни мерки насочени кон намалување на ранливоста и зголемување на отпорноста на одделните сегменти на финансискиот систем за кој се надлежни тие. На тој начин, надлежните регулатори, поединечно и заедно преку работата на Комитетот за финансиската стабилност, придонесуваат за постигнување и одржување на финансиската стабилност.

Комитетот е составен од сите регулатори на финансискиот систем во земјата, односно Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурување. Со Комитетот претседава гувернерот на Народната банка, а во услови на финансиска криза може да претседава и министерот за финансии, доколку така одлучат гувернерот и министерот. Ваквата структура овозможува доследно спроведување на препораките на Европскиот одбор за обезбедување ефикасен механизам на соработка помеѓу сите институции со надлежности во доменот на финансискиот систем.

 

Skip to content