Оваа година нашата земја по вторпат е дел од Европскиот квиз на парите – еден од најзначајните меѓународни настани чија цел е финансиска едукација на младите на возраст од 13 до 15 години.  Активностите за успешно одржување на националното натпреварување веќе се во полн ек. На 25.02.2020 година, во Народната банка се одржа работна средба со наставниците и професорите координатори од основните и средните училишта кои се пријавија за учество. На отворањето на настанот се обратија гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии, Нина Ангеловска, заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска и Маја Стевкова-Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација (МБА), којашто е и организатор на Европскиот квиз на парите во земјава.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, како член на Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија оваа година се вклучи во целосна поддршка на активностите за организирање на Европскиот квиз на парите 2020 заедно со останатите регулатори од финансискиот сектор. Во таа насока Агенцијата подготви прашања и едукативен материјал од областа на капитално финансираното пензиско осигурување со цел едукација на младите за значењето и потребата од штедење од најрана возраст, се со цел обезбедување на  пензиска заштеда која ќе им обезбеди сигурен и достоинствен живот на старост.

На  работната средба со наставниците – ментори на учениците кои ќе учествуваат во квизот претставникот од МАПАС, Марија Поповска одржа едукативна презентација за системот запознавајќи ги присутните со можностите кои ги нуди задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување.