Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Соопштение МАПАС обезбедува континуитет на работењето на  вториот и третиот пензиски столб преземајќи активни мерки за превенција од вирусот COVID 19

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС обезбедува континуитет на работењето на  вториот и третиот пензиски столб преземајќи активни мерки за превенција од вирусот COVID 19

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС ја известува пошироката јавност дека внимателно ги следи сите активности и препораки за заштита и спречување на ширење на корона вирусот и ги поддржува заклучоците, мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија за справување со заканата од вирусот COVID 19 (корона вирус).

Во насока на минимизирање на ризикот на ширење на вирусот и заштита на здравјето на членовите на пензиски фондови, своите вработени и сите граѓани, а со цел обезбедување на непречено функционирање на капитално финансираното пензиско осигурување МАПАС:

  • обезбедува непречена комуникација со членовите на пензиските фондови преку своите контакт телефони и контакт e-mail;
  • обезбедува непречена тековна комуникација со сите субјекти под супервизија – пензиските друштва, чуварите на имот, со Фондот за ПИОСМ и регулаторите од финансискиот сектор како и со Меѓународната организација на пензиски супервизори (ИОПС);
  • ги одложи теренските контроли на пензиските друштва, пензиските фондови и чуварите на имот предвидени во Годишниот план за теренски контроли на Агенцијата за 2020 година додека важат мерките во Република Северна Македонија за борба против пандемијата COVID 19;
  • го одложи спроведувањето на испитот за агенти;
  • ги одложи сите планирани посети за едукација;
  • ги одложи сите планирани средби и состаноци со пензиските регулатори од регионот;
  • ги одложи прекршочните постапки за време на траење на вонредната состојба;

 

Исто така, МАПАС внимателно ги следи состојбите во капитално финасираното пензиско осигурување и потенцијалните ризици во капитално финасираното пензиско осигурување како резултат на ширење на вирусот COVID 19. Во таа насока МАПАС предочува дека:

  • Пензиските фондови, подлежат на циклични појави и движења, што подразбира пораст или пад на вредностите на нивните сметководствени единици, во зависност од инвестирањето на средствата и од движењето на вредноста на инструментите во кои се вложени средствата на пензиските фондови. Со оглед на тоа дека во последните два месеци пандемијата COVID 19 има значајни ефекти врз цените на сите светски финансиски пазари, и македонските пензиски фондови не останаа имуни на актуелните глобални текови. Сепак мора да се потенцира дека овие ефекти се краткорочни а пензиските фондови по нивната природа, работат на долг рок па нивните перформанси се оценуваат на долг рок. Логично е и очекувано, во целиот период додека членовите вложуваат во пензиските фондови, да постојат и периоди на послаби резултати, дури и финансиски кризи на целиот пазар на капитал, дома или во странство, но она што е најважно е позитивните резултати од периодите на добро работење да ги надоместат резултатите од ваквите пазарни шокови.
  • Влијанието на ваквите финансиски кризи за членовите во пензиски фондови со дефинирани придонеси зависи и од возраста на членот. Со оглед на тоа дека просечната возраст на членовите на задолжителните пензиски фондови е 35 години и над 95% од членовите во задолжителните пензиски фондови се помлади од 50 години возраст, се очекува овие краткорочни неповолни влијанија на средствата на пензиските фондови да бидат неутрализирани во годините кои ги имаат до пензионирање.
  • Пензиските друштва реагираат соодветно на новонастаната состојба целосно придржувајќи се до регулаторната рамка како и интерните прописи и документи. Пензиските друштва средствата на пензиските фондови ги инвестираат со цел остварување на највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови и преку диверзификација и финансиска анализа го минимизираат ризикот од загуби, кои произлегуваат од влијанието на домашните и странските финансиски пазари, При управувањето и контролата на инвестирањето на средствата на пензиските фондови, членовите на одборите на пензиските друштва применуваат степен на грижа, делотворност и вештини, кои би ги применувал разумен човек при инвестирање на сопствените средства.
  • Една од главните препораки на ОЕЦД и Светска банка во врска со ваквите финансиски кризи е да се избегнуваат брзи промени на пензиските системи како одговор на моменталните услови. Пензиските системи се дизајнирани да функционираат на долг рок а брзи одговори на релативно ретките настани може да имаат потенцијални долгорочни негативни последици на пензиските системи.

Во вакво тешко време, МАПАС уверува дека се одржува континуитет во работењето на капитално финасираното пензиско осигурување, тековно ја следи состојбата и доколку е потребно ќе преземе и дополнителни активности и мерки.

Skip to content