Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС потпиша Меморандум за соработка со пензискиот супервизор од Косово

Заради обезбедување на ефикасна супервизија и регулатива на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување соработува со повеќе институции од финансискиот и пензискиот сектор во земјата и во странство. Во таа насока Денес на 26 ноември 2012 година, во просториите на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС),  беше домаќин на претставници од Централната банка на Република Косово, со цел потпишување Меморандум за соработка меѓу двете институции. Меморандумот за соработка беше потпишан од страна на Заменик директорот на МАПАС, Ментор Јакупи и Заменик гувернерот за супервизија на финансиски институции Неџат Круезиу, кои изразија задоволството заради отпочнување на соработка на двата супервизори.

Согласно со Меморандумот за соработка,  договорните страни ќе разменуваат искуства стекнати во полето на капитално финансираното пензиско осигурување, работењето на пензиските фондови, механизмите на супервизија на пензиските фондови и усвоената регулатива и правните мерки. Техничката соработка ќе се состои од размена на документи, билатерална помош со цел размена на искуства од заеднички  интерес, како и соработка во полето на едукација, истражување, обуки и развој од заеднички интерес. 

Овој Меморандум за соработка е од исклучителна важност за придонесот во развојот и унапредувањето на капитално финасираното пензиско осигурување и во двете земји со релативно млад приватен пензиски систем. 

Skip to content