Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

МАПАС – Вкупните средства во вториот и третиот столб со раст од 15% во 2020 година

Вкупните средства на задолжителните и доброволните пензиски фондови во 2020 година достигнаа 89,5 милијарди денари, односно скоро 13,5% од бруто-домашниот производ за 2020 година. Иако, глобалната здравствена и економска криза краткотрајно ги измести трендовите на нагорно движење на параметрите на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, така што се забележаа надолни поместувања на крајот на првиот квартал од 2020 година, пензиските фондови за релативно кратко време ја вратија и надминаа намалената вредност на средствата и постигнаа раст од 15%.

За споредба, согласно прелиминарните податоци на ОЕЦД средствата на пензиските фондови во земјите членки на ОЕЦД, во 2020 година пораснаа за 9%, односно пораснаа за нешто повеќе од 1% во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Ова се нотира во Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2020 година, што го изготвува Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел – Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста.

Движења на вкупните нето средтсва на задолжителните и доброволните пензиски фондови, по месеци, 2020 година:

  

Во 2020 – тата година се зголеми и опфатот на населението во вториот столб, односно 93% од вкупниот број на осигуреници во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување или 56% од вкупното активно население се членови на вториот столб. Иако бележеше раст, сепак учеството на населението во третиот столб е сè уште скромно, односно околу 2,7% од вкупното активно население се членови со доброволна индивидуална сметка и се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд. Влијанието на неповолните движења на средствата на пензиските фондови во 2020 година за членовите во пензиски фондови со дефинирани придонеси зависи и од возраста на членот, но над 95% од членовите во втор столб и над 91% од членовите во трет столб се помлади од 50 години возраст, па се очекува овие краткорочни неповолни влијанија да бидат неутрализирани во годините кои членовите ги имаат до пензионирање.

Во текот на 2020 година во вториот столб се уплатени околу 9,3 милијарди денари, додека пак во третиот столб се уплатени вкупно околу  317 милиони денари, а во насока на обезбедување на ефикасен систем на капитално финансирано пензиско осигурување, од почетокот на 2020 година се намали и максимално дозволениот надоместок од придонеси што можат да го наплатуваат пензиските друштва во вториот столб од 2,25% на 2%.

Пензиските друштва ги инвестираа уплатените придонеси и акумулираните средства придржувајќи се до регулаторната рамка и максималните инвестициски ограничувања, како и нивните интерни прописи и документи. Во споредба со минатата година немаше значајни промени во структурата на вкупното портфолио и на задолжителните и на доброволните пензиски фондови.

Класи на средства во портфолиото на задолжителните пензиски фондови споредени со законските ограничувања:

 

Во периодот од седум години, од 2014 до 2020 година, во задолжително капитално финансираното пензиско осигурување е остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,55% во номинален износ односно 4,85% во реален износ.

Класи на средства во портфолиото на доброволните пензиски фондови споредени со законските ограничувања:

 

 

На ниво на доброволно капитално финансираното пензиско осигурување, во седумгодишниот период 2014– 2020 година, е остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,56% во номинален износ односно 4,86% во реален износ.

„Со цел да се пресретнат економските и демографските ризици и со цел обезбедување сигурна пензија за сегашните и идни генерации пензионери и долгорочна финансиска стабилност на пензискиот систем, пред 15 години, започна со работа комбинираниот пензиски систем од јавно, тековно финансирано и од приватно, капитално финансирано пензиско осигурување. Досегашните резултати од работењето на пензиските фондови потврдуваат дека капитално финансираното пензиско осигурување претставува особено значаен елемент во рамките на механизмите кои на граѓаните на Република Северна Македонија им придонесуваат во обезбедување на финансиска сигурност по нивното пензионирање. МАПАС низ годините обезбедува постојано функционирање, развој и унапредување на вториот и третиот столб, транспарентност и ефикасна супервизија на вториот по големина сегмент во финансискиот сектор во Република Северна Македонија. Во духот на нашата мисија, ги штитиме интересите на членовите на пензиските фондови и сме посветени на поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување. И понатаму ќе продолжиме да работиме на зајакнување на индивидуалните заштеди, со поттикнување на конкурентноста и флексибилното управување со портфолијата и проширување на покриеноста.“, истакна Максуд Али, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

По повеќе од една деценија од самиот почетокот на работа на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, од март 2021 година започна со работа и третиот доброволен пензиски фонд – Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје,  со што капитално финансираното пензиско осигурување брои вкупно шест пензиски фондови, три задолжителни и три доброволни пензиски фондови.

Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2020 година може да го прочитате и да го преземете од следниот линк: https://mapas.mk/izveshtaj-za-sostojbite-vo-kapitalno-finansiranoto-penzisko-osiguruvanje/

Skip to content