Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување учествуваше на 23-та годишна конференција на Македонска Берза. Еден од панелите на конференцијата беше за “Домашните институционални инвеститори и Берзата”на која од Агенцијата учествуваше Дарко Саздов, член на Советот на експерти на Агенцијата. На панелот се дискутираше за состојбите во пензискиот систем во Република Северна Македонија во споредба со регионот и пошироко во земјите од ОЕЦД.
Дарко Саздов, како позначајни информации наведе дека пензиските фондови со крајот на 2023 година во сите земји забележаа позитивен раст на средствата на пензиските фондови со капитално финансирано пензиско осигурување.
Исто така, Саздов наведе дека, инвестициските стапки на принос со крајот на 2023 година ги надминаа стапките на инфлација во повеќето земји и се остварија позитивни номинални стапки на принос кај сите земји од ОЕЦД и регионот што најмногу ги одразуваат инвестициските добивки од вложувањата во обврзници и акции, при што цените на пазарите на капитал се зголемија поради намалувањето на каматните стапки или очекувањата за такви намалувања во пресрет на забавувањето на инфлацијата.