Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС и Бирото за развој на образование потпишаа Меморандум за соработка
Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување – МАПАС како член на Координациското тело за финансика едукација и финансиска инклузија, ја известува јавноста дека планираните активности за одбележување на Глобална недела на парите ги започнува денеска и ќе ги реализира во наредниот период се до 15 април 2025 година, самостојно и во соработка со трите пензиски друштва КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, САВА Пензиско друштво АД Скопје и Триглав Пензиско друштво АД Скопје.
Оваа година темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“ (Think before you follow, wise money tomorrow). Темата ја подига свесноста за сложеноста на современите дигитални финансиски трендови, појавата на лица што даваат совети за финансиските инвестиции и зголемената употреба на вештачката интелигенција при идентификувањето на веродостојноста на финансиските информации и совети, особено за младите.
Почетокот на одбележувањето на Глобалната недела на парите беше означен со денешното потпишување на Меморандумот за соработка од страна на Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска и Претседателот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, Максуд Али со што се воспоставува стратешко партнерство за унапредување на финансиската писменост и едукација во образованието.
Главната цел на формализирањето на соработката е воспоставување одржливост, координираност и континуитет во спроведување на активностите меѓу двете страни со цел да се унапреди пристапот до информации и потребно знаење на учениците за можностите, правата и обврските од капитално финансираниот пензиски систем, како и потребите од развој на капацитетите кај младите за следење на развојот на пензиските системи кое знаење ќе им овозможи да ги препознаваат можностите за носење вистински одлуки во процесот на креирање на своја лична пензиска заштеда за долгорочна стабилност и квалитетен пензионерски живот.
Соработката меѓу страните потписнички на Меморандумот ќе вклучува реализација на активности за зголемување на финансиската едукација и нивото на пензиска свесност како дел од образовниот процес и зајакнување на компетенциите како на учениците од најрана возраст така и на воспитно-образовниот кадар во училиштата кои во соработка однапред ќе бидат предвидени и усогласени по возрасни категории на ученици, согласно со усвоените Основни компетенции за финансиска едукација.
Во текот на Глобалната недела на парите, од претставници на Агенцијата ќе се одржат различни едукативни активности, меѓу кои контакти и средби за финансиска едукација со заинтересирани граѓани, како и ажурирање на едукативната веб-страница Пензија.мк, каде согласно планот ќе биде спроведен и онлајн едукативен КВИЗ со награди за најдобрите. Овие активности ќе бидат насочени кон ученици, студенти, младите, но и пошироката јавност, со цел да се обезбеди општествено познавање на основните принципи на финансиско планирање за пензиско осигурување и одговорно управување со личните средства. Значајна активност на Агенцијата ќе биде и учество на Интердисциплинарната студентска конференција во соработка со Универзитетското студентско собрание на УКИМ на која МАПАС заедно со трите пензиски друштва ќе бидат едни од поддржувачите и учесници на панел дискусија и работилница на тема „Младите и финансиската независност: „Основи на инвестирање и штедење“ на кој начин се овозможува поголемо вмрежување со студентите од повеќе факултети на УКИМ со кои директно преку интерактивна комуникација ќе ги едуцираме за можностите и придобивките од капитално финансираното пензиско осигурување.
Во меѓународни рамки, „Глобалната недела на парите“ се одбележува од 2012 година, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД), а која иницијатива се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади и која има за цел да го поттикне значењето на финансиското образование како основа за долгорочна економска стабилност.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org