Агенција за супервизија на капитално
финансирано пензиско осигурување

Започнува деветтото издание на Деновите на финансиската писменост

 

Со цел да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската вклученост и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите при користењето финансиски производи и услуги во современите услови на дигитализација во финансискиот сектор, од 25 ноември до 4 декември, ќе се одржат многубројни активности во рамките на деветтото издание на Деновите на финансиската писменост.

Одбележувајќи ги Деновите на финансиската писменост, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС ќе спроведе четири предавања за млади вработени во две приватни компании и две државни институции.

Со цел навремено кај младите да се зголеми финансиската писменост за одговорно управување со личните средства, МАПАС склучи договор со ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје и ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, во рамки на кој учениците од овие училиште ќе подготват тематски дела кои ќе бидат презентирани на централниот настан што ќе се одржи на 3 декември во Културно информативен центар – Скопје (КИЦ).

Ставајќи акцент на работењето на фриленсерите, кои не се по афтоматизам дел од пензискиот систем, МАПАС оствари соработка со три коворкинг спејсови во рамки на која ќе се постават едукативни материјали за пензиско штедење, со потенцирање на третиот пензиски столб, како најатрактивен за оваа група работници.

Инаку, одбележувањето на Деновите на финансиската писменост се одржува деветта година по ред во организација на финансиските регулаторни институции, и тоа Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување, во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија.

Вклучените институции, преку своите интернет-страници и профилите на социјалните мрежи, ќе обезбедат информации за активностите и за настаните, како и за начинот на пријавување интерес за учество од граѓаните.

Skip to content